Свет

САД го прекинаа дијалогот со Косово, велат дека потезите на владата поттикнуваат нестабилност 

Соединетите Американски Држави го прекинаа дијалогот за зајакнување на економските и дипломатските врски со Косово поради загриженост дека некои потези на привремената влада поттикнале „тензии и нестабилност“, објави во петокот амбасадата на САД во Приштина.

Амбасадата не прецизираше кои потези ја предизвикале оваа одлука, но Вашингтон претходно го обвини премиерот Аљбин Курти за влошување на тензиите во северно Косово, каде што мнозинството се Срби, и за одложување на формирањето на нови институции по парламентарните избори во февруари, пишува Ројтерс.

„САД го прекинаа на неодредено време планираниот стратегиски дијалог со Косово поради загриженост дека потезите на привремената влада ги зголемиле тензиите и нестабилноста“, се вели во соопштението на амбасадата на САД.

„Неодамнешните постапки и изјави на привремениот премиер Курти го оспоруваат напредокот постигнат во текот на многу години“, се додава во соопштението.

Како одговор, владата на Косово објави дека е посветена на мирот и стабилноста во регионот.

„Исто така, ги поздравуваме критиките. Секогаш кога се специфични, правиме сè за да ги подобриме и коригираме нашите постапки“, се вели во соопштението.

САД беа најголемиот политички и финансиски поддржувач на Косово, а одлуката за прекин на дијалогот означува нова криза во билатералните односи.

Европската Унија, кон која се стреми Косово, воведе санкции врз земјата во 2023 година поради поттикнување етнички тензии на северот, каде што мнозинството се Срби.

Брисел ја повика Приштина да воспостави Заедница на српски општини со цел да се овозможи поголема самоуправа за Србите. Стравувајќи од отцепување, Курти го отфрли предлогот и наместо тоа се обиде да ја ослабне автономијата на Србите на север.

Движењето Самоопределување на Курти победи на парламентарните избори на 9 февруари, но не успеа да освои апсолутно мнозинство и сè уште не може да најде коалициски партнер за формирање нова влада.

Косово еднострано прогласи независност од Србија во 2008 година, речиси една деценија по бомбардирањето на НАТО.

Околу 50.000 Срби што живеат на северот на Косово не се признати од институциите во Приштина. Повеќето од нив го сметаат Белград за свој главен град и зависат од него за плати, пензии и здравствена заштита.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons