Русите со напад врз Одеса, проектил паднал блиску до местото каде биле Зеленски и Мицотакис
Украинската морнарица соопшти дека денеска во руското бомбардирање на градот Одеса загинале пет лица.
Во моментот на нападот, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис бил во посета на градот со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Никој од двете делегации не е повреден, изјавија за Би-Би-Си.
На заедничката прес-конференција, Мицотакис рече дека слушнале звук на сирени и експлозии во близина.
-Немавме време да одиме во засолништето. Тоа е многу интензивно искуство. Навистина е различно да се чита за војната во весник и да се слушне со свои уши, да се види со свои очи, додаде тој.
Руското Министерство за одбрана објави дека е успешно погоден хангар во кој се наоѓале дронови на украинската морнарица, но не е јасно дали тоа е поврзано со нападот во Одеса.
Зеленски ја обвини Русија дека „не се грижи кого цели“ и додаде дека Москва „или полудела или не контролира што прави нивната терористичка армија“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во објава на социјалните мрежи остро го осуди нападот на Одеса за време на посетата на официјални лица.