Роковите за упис на факултет течат, бројот на студенти опаѓа
Интересот за упис на УКИМ треба да остане барем ист како и минатата година, вели проректорката за настава на Скопскиот универзитет Христина Спасевска, во однос на очекувањето за број на запишани на УКИМ во новата академска година. А, Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола денеска, утре и во среда, во своите 11 универзитетски единици ќе го спроведе првиот уписек рок за студенти бруцоши.
Следејќи го бројот на веќе пријавените кандидати, имајќи ги предвид демографските движења во државата, како и бројот на матуранти кои сакаат да студираат во странство, интересот треба да остане барем ист како и претходната академска година, изјави за МИА проректорката за настава на Скопскиот универзитет Христина Спасевска, во однос на очекувањето за број на запишани на УКИМ во новата академска година. Пријавувањето на кандидатите е преку системот за студентски сервиси и за првиот уписен рок трае до 31 август.
Според конкурсот што го објави Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, на 23-те факултети во негов состав за прва година во академската 2023/2024 година има слободни 10.473 места.
„Оваа година нашиот универзитет нуди нови или повторно акредитирани студиски програми, меѓународно препознатливи и усогласени со студиските програми на европските универзитети, кои овозможуваат поголема мобилност на идните студенти и се усогласени со потребите на пазарот на труд. Поради тоа очекуваме дека бројот на кандидати ќе се зголеми и на студиските програми кои се од интерес за македонското стопанство и јавниот сектор“, вели проф. Спасевска.
Во последните неколку години за нашите матуранти се атрактивни и универзитети во регионот, особено во Словенија, но и во други земји во Европа, како и во САД. На прашањето каков тренд покажуваат споредбените податоци за запишани студенти на УКИМ во изминатите пет години, проректорката на УКИМ вели дека во зависност од општествените и социоекономските фактори во државава, се менува и бројот на запишани.
„Имајќи ја предвид големината на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се прави годишна анализа за интересот на средношколците да студираат на нашиот универзитет, која се разгледува на седница на Ректорската управа со цел да се дефинираат квотите за упис за наредната академска година“, наведува Спасевска.
Според податоците за изминатите шест академски години, посочува таа, во 2017 година на УКИМ се запишале 6.535 студенти, а минатата 2022-ра вкупно 5.092 студенти.
Во 2021 година во прва година се запишале 5.523 студенти, 4.662 во 2020 година, 5.614 во 2019-та и 5.774 студенти биле запишани во 2018 година.
Од расположливите 10.473 слободни места за претстојната 2023/2024 година, 5.074 се за редовни студенти финансирани од државниот буџет, 4.439 за редовни со кофинансирање на студиите и 960 за вонредни студенти, а може да се запишат и странски студенти за кои има или утврдено број или процент од вкупниот број запишани студенти на одредена студиска програма.
Со над илјада слободни места за повеќе студиски програми и годинава се Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство/ФИНКИ (1.150), Природно-математичкиот факултет (1.050) и Правниот факултет (1.055).
Филозофскиот факултет располага со 915 слободни места за бруцоши, Филолошкиот факултет – 775, Медицинскиот – 760, Економскиот факултет – 700, Машинскиот – 600, Факултетот за електротехника и информациски технологии/ФЕИТ – 570…
Спасевска додава дека оваа година кандидатите кои сакаат да студираат на најголемиот и најстар универзитет во земјава може да избираат 195 студиски програми на прв циклус студии: интегрирани петгодишни студиски програми, четиригодишни, тригодишни и стручни студии.
Најатрактивни, вели таа, остануваат Медицинскиот факултет, Архитектонскиот и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, но и студиските програми од другите факултети при УКИМ, како што се Правните студии, Англиски јазик и книжевност, Психологија и други.
А, Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола денеска, утре и во среда, во своите 11 универзитетски единици ќе го спроведе првиот уписек рок за студенти бруцоши. Во новата академска година, за студирање во прва година ќе може да се запишат 2.565 студенти, од нив 1.351 студент за студирање во државна квота, 773 места се наменети за студии со кофинансирање и 441 за вонредно студирање.
„Најмногу слободни места, вкупно 380, се понудени на Технички факултет-Битола. На Факултетот за информатички и комуникациски технологии ќе може да се запишат 275 бруцоши, а на Педагошкиот факултет има место за 230 студенти“, информираа од УКЛО-Битола.
Универзитетските единици на УКЛО во Скопје, Велес, Прилеп, Кичево и во Охрид годинава ќе запишуваат студенти со идентична понуда како и минатата година. На Факултет за безбедност во Скопје може да се запишат 310 студенти, на Технолошко-технички факултет во Велес – 75, на Економски факултет во Прилеп – 248, на Правен факултет во Кичево – 365 и на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид – 302 студенти.
Во прва година на Факултетот за биотехнички науки може да се запишат 120, на Ветеринарен факултет – 45, додека на Високата медицинска школа обезбедени се 215 слободни места за студирање во прва година.