Речиси 72 илјади граѓани останале во мрак поради неплатени сметки
Доколку од извршените мерења се утврди дека квалитетот на напонот не е во согласност со пропишаните стандарди, се задолжува операторот на соодветниот систем да изврши одредени технички зафати и да ја плати услугата за мерењата, во спротивно услугата за мерењето ја плаќа потрошувачот, објаснуваат во својот годишен извештај од РКЕ
Речиси 72.000 потрошувачи (71.839) лани биле исклучени поради неплатени сметки за струја, открива Годишниот извештај за работењето на РКЕ за 2022 година. Ова е намалување за 0,4 отсто во однос на 2021-та, а зголемување од 3,1 отсто во однос на 2020-та, пресметал регулаторот. Од РКЕ и податокот дека во текот на 2022 година се зголемил бројот на поведени постапки за одлучување по приговори за струјата за 1,66 отсто споредено со 2021 година, додека во однос на 2020 година овој број е зголемен за 13,57 отсто.
– Според податоците и информациите, добиени од универзалниот снабдувач со електрична енергија, домаќинствата во текот на 2022 година поднесувале приговори за прашања поврзани со договори и продажба (нелојални комерцијални услови/промена во комерцијалните услови, недостиг на информации, потврда на договор, право на повлекување од договор, плаќање, влошување на условите за договор, минимален период за остварување договор, друго). Во споредба со 2021 година, евидентно е намалување на бројот на поднесени приговори од домаќинствата и тоа за 55,1 проценти – покажува извештајот на РКЕ.
Граѓаните честопати во меѓусебните муабети се жалат на квалитетот на напонот на струјата, која им ги расипува електричните апарати. Од РКЕ се согласуваат дека квалитетот на напонот во електродистрибутивните мрежи е еден од најбитните параметри за квалитетот во снабдувањето со електрична енергија, но оваа институција сè уште не го следи квалитетот на напонот, иако се прават напори во следниот период да почне со мониторинг и на овој параметар.
– Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје, го извршува мерењето на квалитетот на напонот на нисконапонско ниво само по барање на потрошувачите и по барање на РКЕ, доколку постојат поплаки од поголема група граѓани во ист регион. Мерењата се извршуваат во седумдневен период со мобилна мерна опрема и доколку има отстапување на напонот надвор од дозволените граници, се преземаат соодветни технички решенија. Исто така, мерењето на квалитетот на напонот го врши и Техничка инспекција по барање на потрошувачите. Доколку од извршените мерења се утврди дека квалитетот на напонот не е во согласност со пропишаните стандарди, се задолжува операторот на соодветниот систем да изврши одредени технички зафати и да ја плати услугата за мерењата, а во спротивен случај услугата за мерењето ја плаќа потрошувачот – објаснуваат во својот годишен извештај од РКЕ.
Инаку, во електродистрибутивниот систем на Електродистрибуција во 2022 година биле регистрирани вкупно 38.573 прекини во вкупно времетраење од 142.752 часа. Од нив, планирани прекини се 2.953 и се настанати поради редовни инспекции, одржување и приклучување на нови корисници на електродистрибутивната мрежа, додека 35.620 прекини се поради настанати дефекти и други околности во електродистрибутивната мрежа.
– Во 2022 година бројот на прекини во однос на 2021 година е намален за 8,84 отсто. Што се однесува на вкупното времетраење на прекините и тоа е намалено за 6.875 часа, односно е намалено за 7,23 отсто. Причини за намалувањето на вкупниот број прекини, како и на вкупното времетраење во 2022 година во однос на 2021 година е стабилизирањето на ковид-19 пандемијата – пишува во Годишниот извештај на РКЕ.