РЕЧИСИ ДЕСЕТ ИЛЈАДИ МЛАДИ ЈА НАПУШТААТ МАКЕДОНИЈА ГОДИШНО
Нискиот наталитет во Македонија, стареењето на нацијата, во комбинација со заминувањето на младите од државата, директно влијае на намалувањето на работоспособното население. Според италијанската невладина организација COSV со подружница во Прилеп, Македонија во последните години има голем одлив на млади луѓе, главно поради неусогласеноста на образованието со реалните потреби на пазарот на труд. Овој застрашувачки негативен тренд е поразителен, сметаат од невладиниот сектор, пренесува Пословни.хр.
„Потребна е поголема вклученост на сите организации во креирањето на јавните политики, во креирањето на политиките за упис, во креирањето на слободни работни места. Всушност, бизнис секторот треба да се координира со академската заедница, да се креира уписна политика со Заводот за вработување и сите други релевантни чинители на ова општество“, вели Дања Димовска-Микаровска од НВО.
На сличен став се и македонските бизнисмени, кои веќе подолго време алармираат дека тешко се наоѓа работна сила, најмногу поради нередовното уредување и организирање на понудата на работна сила во однос на побарувачката на пазарот на трудот. „Главна цел за задоволување на пазарот на труд треба да биде приватниот сектор. Секторот е тој што создава додадена вредност и сите ние вклучително и јавните институции мора да создадеме општество и образование кое ќе создаде работна сила за потребите на приватниот сектор“, објасни Ирена Јакимоска, претседател на Регионална стопанска комора – Прилеп.
Претседателот на Собранието на Здружението на македонските работодавачи Ангел Димитров вели дека недостигот на свежа работна сила е и ќе биде проблем што ќе го имаме уште многу години. Нискиот наталитет и стареењето на нацијата, во комбинација со заминувањето на младите од земјава, директно влијаат на намалувањето на работоспособното население и тоа е пречка за зголемување на производството. „Верувам дека овој тренд на намалување на бројот на работници во индустријата ќе продолжи и во следниот период. Се зголемува заминувањето на младите од државата, но има и јаз меѓу образовниот процес и потребите на пазарот на труд, што директно влијае на немањето соодветен кадар во одредени сектори“, вели Димитров.