Македонија

Ренџери ќе го чуваат Националниот парк Шар Планина од нелегални активности

Во Националниот парк засега само директорот е единствениот вработен, а се најавуваат вработувања со кои ќе има и работа на терен со цел да има заштита на природната средина. Ова беше најавено на денешната јавна расправа за управување и заштита на животна средина на Национален парк Шар Планина за периодот 2022 – 2031 година на Универзитетот во Тетово од раководството на оваа нова институција и Министерството за животна средина.

–Има многу работа која е изготвена од директорот и тимот на директорот, се доцни за некои работи за жал, како вработување на нови лица, но, ова е процедура која трае. Прв пат од 1956 година ние креираме национален парк и сите заедно ја учиме процедурата и што е битно да биде успешна на крај. Иако доцниме малку подобро да доцниме малку и да биде успешно од колку да брзаме и да грешиме негде. Тоа не значи дека немаме активности, директорот е нон стоп на терен и денес дебатираме сите да бидеме задоволни и граѓаните и приватен сектор но и да ја заштитиме Шара, изјави пред новинарите министерот Насер Нуредини.

Директорот на ЈУНП Шар Планина Ибрахим Дехари вели дека работата досега е во корелација и соработка со други институции во насока на заштита на Шар планина. Најави дека оваа година ќе има десет редовни вработени и пет со договор на дело.

–Соработуваме со други институции, како што е шумска полиција, редовна полиција и други како општини, така што очекуваме и канцелариите да ги добиеме, ренџерската служба и другите вработени верувам за брзо време ќе бидат и тие во терен така што очекуваме добра соработка. Соработуваме со граѓаните, тие се најдобрите чувари за Шар Планина. Јас сум на Шара 35 години активен ги знам сите проблеми и предизвици, така што сум секој ден со граѓаните што се таму.  Има потреба за активности како што се за дрва маса и или пак за нелегални активности со кои се справуваме, како што е ловот и другите нелегални активности, изјави директорот Ибрахим Дехари.

Јован Божиновски од планинарскиот клуб Љуботен вели дека паркот ќе има има поддршка од нив како пријатели на Шара, како клуб, но тоа е потребно од сите засегнати страни. Тој предупредува дека на терен работите не се променети и понатаму се случуваат активности кои и штетат на планината.

–Се уште немаат канцеларија, немаат луѓе за работа. Огромен реон имаме на Шара кој за да се покрие треба минимум 80 ренџери, треба 20 возила кои ќе бидат присутни горе кои ќе гледаат како се работи на терен, инфо центри. Јас сум на терен нон стоп јас го гледам тоа дека има многу дивоградни, има многу отворени патишта кои не се потребни тука патишта, малите хидроцентрали се проблем. Сега општините се тие кои треба да застанат, месното население е изгубено, не знае како да се однесува. Сега треба да има сеча, не може да има сеча, шумското не дава сеча. Од друга страна паркот не функционира. А тие што диво сечат тие си сечат тие немаат проблем. Проблем е кај овие луѓе што се локалци кои живеат на планина кои реално им треба планината. Тука се проблемите, посочи Божиновски.

Според Божиновски по прогласувањето треба да поминат од три до пет години националниот парк како установа нормално да почне да функционира и да има резултати.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons