Рафиња се симна од трибина да го брани Јамал па порача: Коментарите му беа незрели, само го мотивираше Реал
Рафиња поради повреда го пропушти синоќешното „Ел Класико“, но во финишот од мечот се симна покрај теренот за да го брани Ламин Јамал од нападите и провокациите на фудбалерите на Реал Мадрид.
Крајот на пресметката помеѓу Реал Мадрид и Барселона донесе многу тензија и гужви на теренот но и покрај аут линијата.
Причина за ова беа коментарите на Ламин Јамал, младата ѕвезда на „каталонците“ пред „Ел Класико“ излезе со контроверзна изјава и порача дека Реал Мадрид „краде и плаче“.
Па по триумфот на „Ел Класико“, Карвахал, Куртоа и Винисиус му се пуштија на Ламин Јамал и настана огромен хаос.
Рафиња, кој поради повреда го пропушти натпреварот, се симна долу за да го брани својот соиграч, но во исто време призна дека Ламин Јамал бил незрел и само дополнително го мотивирал противникот.
„Виновен е само што е млад и недоволно зрел за да излезе со такви коментари. Неговите зборови му дадоа дополнителна мотивација на Реал Мадрид“ – рече Бразилецот.
Френки де Јонг, кој ја носеше капитенската лента на „Бернабеу“, ги смируваше страстите и смета дека играчите на Реал Мадрид претерале со нападите кон Ламин Јамал.
„Кога судијата свирна крај, неколку играчи на Реал Мадрид веднаш тргнаа кон Ламин Јамал. Малку претераа. Доколку Карвахал сакаше да разговара со него, можеше да го направи тоа приватно. Кога правите гестови на теренот, само додавате масло во оганот“– вели Холанѓанецот.



