РАДОСТ ЗА ДЕЦАТА НА ПРИПАДНИЦИТЕ НА АРМИЈАТА Дедо Мраз се спушти со хеликоптер
Во рамки на денешната активност, претседателката Сиљановска-Давкова, министерот Мисајловски и генералот Лафчиски им поделија новогодишни пакетчиња на децата на мировниците.
Во рамките на Министерството за одбрана на Република Македонија се одржа свечен и празничен настан кој внесе радост и насмевки кај најмладите. Дедо Мраз пристигна со хеликоптер, носејќи новогодишни пакетчиња за децата на вработените во Министерството за одбрана и припадниците на Армијата.
За настанот информираше министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој на социјалната мрежа Фејсбук сподели дека детската возбуда и искрените насмевки ја исполниле празничната атмосфера и го создале вистинскиот дух на новогодишните празници, оставајќи трајни убави спомени.
Во пресрет на Новата година, традиционално, министерот Мисајловски, заедно со Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова, и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски оствариле видеоконференциска врска со македонските мировници кои во моментов извршуваат задачи во меѓународни мисии и операции во Либан, Латвија, Романија, Бугарија, Косово, Босна и Херцеговина и Германија.
На видеоконференцијата, на која присуствувале и членови на семејствата на мировниците, биле упатени пораки на поддршка, благодарност и признание, со јасна определба дека државата и понатаму ќе се грижи за нив и за нивните најблиски.
Во рамки на денешната активност, претседателката Сиљановска-Давкова, министерот Мисајловски и генералот Лафчиски им поделија новогодишни пакетчиња на децата на мировниците.
Настанот беше заокружен со традиционалната поделба на новогодишни пакетчиња од страна на армискиот Дедо Мраз, кој пристигна со армискиот хеликоптер Ми-8/17 од Воздухопловниот ВИНГ, што внесе празнична атмосфера и радост кај најмладите.
На денешната активност, покрај семејствата на мировниците присуствуваа командантите на прво-потчинетите команди и единици и претставници од Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана.





