Пчеларите годинава имаат големи загуби и затоа има помалку мед, цената може да стигне и до 900 денари кило
Во Тетово по четврти пат се одржа меѓународниот натпревар во квалитет на мед „Тетовски награди за мед“ (Tetovo Honey Awards) во организација на двете пчеларски здруженија „Градот на пчелите“ и „Полошки мед“. На манифестацијата оваа година мостри од мед испратија 260 пчелари од 21 земја од речиси сите континенти, а квалитетот на медот ќе го оценуваат триесетина домашни и меѓународни експерти. Освен што медарите го донесоа тоа што тие го сметаат за најдобро од нивните пчелни кошници, натпреварот беше и добро место да се поразговара за иднината на пчеларството во регионот, но и за сé поголемите проблеми со кои се среќаваат пчеларите.
„Кога ќе ги споредам мострите од првиот натпревар од пред 4 години и мострите што сега ги добивме, јас сум многу задоволен бидејќи има голема разлика во однос на квалитетот на медот, но и во неговата презентација. Овој натпревар помага да се подигне квалитетот на македонскиот мед, бидејќи тој е еден од најквалитетните и досега има добиено највисоки оценки на повеќе светски натпревари од највисок ранг“, изјави Дритон Мекена од Здружението „Град на пчелите“.
Со актуелниот раст на цените за прехранбените производи неминовно се зголеми и цената на медот, но и покрај тоа, велат пчеларите, тешко ќе можат да опстанат во наредниот период. Сега цената на медот во земјава, во зависност од град или регион, се движи од 450 до 800 денари за една тегла, а некои производители најавуваат и цена од најмалку 900 денари за килограм.
„Како и сите земјоделци така и пчеларите се среќаваат со проблеми кои ги донесе оваа криза. Зголемени се цените на заштитните препарати, зголемената цена на горивото, а сето тоа влијаеше да се зголеми и цената на медот. Нè прашуваат, ‘Дали пчелите ви летаат на бензин, штом ја зголемивте цената на медот?’. Не, пчелите не летаат на бензин, ама пчеларите ако сакаат да имаат квалитетен мед од чиста еколошка околина, тогаш мора секојдневно да одат до своите пчеларници и да ги опслужуваат. Ваквите климатски промени бараат пчелите секојдневно да бидат помагани од пчеларот за да се добијат подобри приноси. Оваа година пчеларите од Македонија влегоа со големи загуби и затоа оваа година има помалку мед. Причина за ова се климатските промени, но и несериозноста на некои пчелари“, вели Владимир Петровски од Здружението „Полошки мед“.
На отворањето на натрпеварот присуствуваше и министерот за земјоделие Љупчо Николовски кој од тука најави дека, во договор со пчеларите, во тек е подготовка на праведен и реален модел на субвенционирање на пчеларството, со кој ќе се настојува вистинските пчелари ќе добијат поголема поддршка, а воедно повеќе ќе се работи на откривање на манипулациите кои се прават со субвенциите за пчеларите.