Пролет со променливи услови: Врнежи, грмежи и зголемен ризик од поплави и свлечишта
Во земјава не очекува динамична пролет со нестабилно и врнежливо време во првата половина и потопло, но нестабилно време со грмежи и поројни врнежи во втората половина, покажува анализата на професорите Владо Спиридонов и Ивица Милевски од ПМФ – Скопје.
По заладувањето со дожд и снег на планините, до Велигден времето ќе се стабилизира, но кон крајот на април повторно ќе биде променливо.
„Периодот од 7 до 14 април се очекува да се задржат пониски температури од просечните за овој период“, се вели во анализата. Од втората половина на април следува подобрување со повеќе сончеви денови, но и повремени врнежи, особено во југозападот и југоистокот.
Во мај и јуни ќе биде потопло од просекот (1-2°C повеќе), но со зголемена нестабилност.
„Ова ќе доведе до развој на грмежни бури, кои понекогаш можат да бидат поорганизирани грмотевични групации… и да создадат неповолни временски појави, како ненадејни поплави, силни ветрови, молњи и појава на град со потенцијално големи деструктивни влијанија“.
Поради продолжените врнежи, се очекува заситеност на почвата со влага и „вишок на водена маса“, што може да предизвика поплави, одрони и свлечишта. Особено ранливи се долините на Вардар, Пчиња, Крива Река, Брегалница, Црна Река и други речни текови низ котлините.
„Во наредните денови се очекува поплавување кое се очекува да биде од слаб, до умерен карактер“, предупредуваат професорите. Се очекува и полнење на акумулациите и пораст на нивото на Охридското Езеро.
Посебна опасност од лавини и свлечишта има во западниот дел, особено на критичните патни правци како Маврово–Дебар–Струга, Охрид–Битола, Скопје–Велес и други.
Спиридонов и Милевски нагласуваат дека е неопходна зголемена подготвеност:
„Потребни се навремени превентивни и мерки за заштита, како што се перманентна проценка на ризикот од поплави… и развој на ГИС систем со детален мониторинг и сценарија за потенцијални природни непогоди“.