По 30 години железничкиот тунел на Коридорот 8 тргнува кон реализација
Македонија и Бугарија го потпишаа Договорот за изградба на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8, со што двете земји започнуваат со дефинирање на активности за изградба на клучниот дел од железничката врска меѓу Скопје и Софија.
Новиот договор ги дефинира активностите и обврските на Северна Македонија и Бугарија за реализација на проектот, кој предвидува тунел долг околу 2,4 километри – половина на македонска, половина на бугарска територија.
Со тоа двете земји по три децении го отворија патот за изградба на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8 — стратешка врска меѓу двете земји и дел од европската транспортна мрежа.
„Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8“ денеска (6 ноември) го потпишаа македонскиот вицепремиер и министер за транспорт Александар Николоски и неговиот колега од Бугарија Гроздан Караџов на железничката станица во Ѓуешево.
„Овој договор е сон на генерациите од двете страни на границата, нешто за што сме читале и за што сме учеле како деца – дека двете држави, двата главни града Скопје и Софија, треба да се поврзат со железничка врска“, рече Николоски во обраќањето на свеченоста во Ѓуешево.



