По 1.000 дена, војната во Украина влегува во најкритичната фаза
За американскиот претседател во заминување Џо Бајден, дозволата би била гаранција дека и идната администрација на претседателот Доналд Трамп би се обврзала воено да ѝ помага на Украина, наспроти повиците за намалување или за целосно укинување на поддршката
Веројатно случајно, но симболично токму на денот 1.000 од руската воена инвазија, војната во Украина влегува во критична фаза во која Киев доби одврзани раце да користи далекустрелни проектили добиени од членки на НАТО за да гаѓа цели длабоко на територијата на Русија.
За украинскиот претседател Володимир Зеленски, дозволата е одобрување на главното барање од неговиот План за победа. Зеленски е убеден дека со користењето на долгострелните проектили, главно американските системи АТАКМС, Украина може да ѝ зададе сериозен контраудар на Русија и да ја притисне да прифати прекин на огнот и преговори за мир.
За Москва, далекустрелната престрелка би било почеток на нова фаза од војната што би го ескалирало, би го продолжило, па и би го проширило конфликтот во судир со НАТО, што практично би значело почеток на Трета светска војна.
За американскиот претседател во заминување Џо Бајден, дозволата би била гаранција дека и идната администрација на претседателот Доналд Трамп би се обврзала воено да ѝ помага на Украина, наспроти повиците за намалување или за целосно укинување на поддршката.
За идниот претседател Трамп, одлуката на Бајден претставува „врзување на рацете“ и опструкција на неговите планови „да ѝ стави крај на војната за еден ден“, како и дополнителен кадровски и финансиски притисок врз иницијативата за „кастрење“ на федералната администрација и трошоците.
За сите други, ова е сигнал забрзано да се подготвуваат за заштита на населението и економијата од можните последици од многу пожесток и покрвав конфликт, кој секако ќе се одрази на глобално ниво.
Меѓу Планот за победа и Трета светска војна
Западните земји, а особено Белата куќа, со месеци упорно го одбиваа барањето на Зеленски да ги користи долгострелните проектили за напади длабоко во Русија, токму поради стравувањето дека тоа ќе ја ескалира војната. Украина на сличен начин, по повеќемесечно одбивање од партнерите, сепак доби американски, британски и германски модерни тенкови, помодерни системи за противвоздушна одбрана, па и борбени авиони. Украина од САД доби и современи долгострелни проектилски системи АТАКМС и постојано ја изразуваше фрустрацијата поради тоа што можеше да ги користи само против непријателските позиции на окупирана територија. Киев упорно тврди дека тоа ограничување е главната причина поради која руските трупи бавно, но постојано, напредуваат на линијата на фронтот.
Поделени се мислењата на одбранбените експерти дали повлекувањето на тоа ограничување ќе ѝ овозможи на Украина да спроведе ефикасна контраофанзива, да ги потисне руските трупи на фронтот, за да се оствари главната цел од Планот за победа на Зеленски – да се принуди Москва да преговара за мир.
Системот АТАКМС е наменет за прецизно гаѓање и уништување на непријателски позиции на далечина од околу 300 километри. Со нешто поскромен дострел од 250 километри се проектилите на системите „сторм шедоу“, односно „скалп“, што Украина ги доби од Обединетото Кралство, односно од Франција.