Поранешниот француски претседател Саркози пуштен од затвор: „Преживеав кошмар“
Поранешниот француски претседател Никола Саркози ќе биде пуштен од затвор и ставен под судски надзор, одлучи денес судот во Париз. Одлуката доаѓа помалку од три недели откако Саркози почна да ја отслужува петгодишната казна затвор за нелегално финансирање на неговата изборна кампања во 2007 година со средства од Либија, пренесуваат агенциите.
Според одлуката на судот на Саркози му е забрането да ја напушти француската територија, а жалбената постапка се очекува подоцна, веројатно напролет. Саркози, кој продолжува да ја негира вината, стана првиот поранешен француски лидер во модерната историја кој е затворен по пресудата од 25 септември. Тој почна да ја отслужува казната на 21 октомври, но веднаш поднесе барање за предвремено ослободување.
На рочиштето одржано денес Саркози зборуваше преку видео врска од парискиот затвор Ла Санте и потврди дека секогаш ги почитувал сите судски барања. „Никогаш не замислував дека ќе доживеам затвор на 70-годишна возраст. Ова искушение ми беше наметнато и го преживеав. Тешко е, многу тешко“, кажа тој.
Поранешниот претседател му се заблагодари на затворскиот персонал, за кој кажа дека му помогнал да го преброди „овој кошмар“. На рочиштето во париската судница присуствуваа неговата сопруга, пејачката и поранешна супермоделка Карла Бруни-Саркози, и двајца од неговите синови.
Иако на рочиштето не се дискутираше за суштината на случајот, Саркози повтори дека никогаш не барал финансиски средства од поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи. „Никогаш нема да признаам нешто што не сум го сторил“, изјави тој.
Според францускиот закон ослободувањето во исчекување на жалбата е правило, додека притворот е исклучок. Судиите проценуваа дали Саркози претставува ризик за бегство и дали постои опасност тој да влијае врз сведоците или да ја попречи правдата.
Главниот обвинител Дамиен Бруне, кој го застапува јавниот интерес, го поддржа барањето за ослободување под судски надзор. Саркози требаше да го напушти затворот Ла Санте во текот на денот.
Поранешниот претседател, кој ја водеше Франција од 2007 до 2012 година, се соочува и со други правни проблеми. На 26 ноември, Врховниот суд на Франција треба да донесе пресуда за нелегалното финансирање на неговата неуспешна кампања за реизбор во 2012 година, а тој е под истрага и за наводно влијание врз сведоци во случајот со Либија.
Во 2023 година Саркози веќе беше прогласен за виновен за корупција и злоупотреба на влијание поради обид за поткуп на судија во замена за информации за друг правен случај. Таа пресуда подоцна беше потврдена од Врховниот суд на Франција.



