Поранешниот министер Весиќ меѓу 11-те уапсени за трагедијата во Нови Сад
Поради падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад и големата трагедија, уапсени се 11 лица, соопшти изутринава Вишото јавно обвинителство во Нови Сад. Меѓу уапсените е и Горан Весиќ, до неодамна министер за градежништво, јавуваат српските медиуми.
Весиќ на 5 ноември поднесе оставка од функцијата министер за градежништво.
Весиќ на својот профил на социјалната мрежа „Х“ тогаш објави дека „поднел оставка како одговорен човек кој со личен пример сака да покаже дека во денешна Србија има морална одговорност поради страшната трагедија“ што се случи во ресорот со кој раководи.
„Ја напуштам оваа позиција со чиста совест и горд на резултатите што остануваат зад мене како и тимот на Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура што работеше со мене. Работев со голема почит и одговорност кон граѓаните како и со најдобра вера исклучиво во интерес на Србија“, истакна Весиќ.
Вчера оставка поднесе и министерот за внатрешна и надворешна трговија на Србија, Томислав Момировиќ, поранешен министер за градежништво, во чиј мандат започна реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад.
Во несреќата загинаа 15 лица, а лекарите сè уште се борат за животот на две лица.