Актуелно

Пописот покажа дека во Македонија помалку се раѓа, почесто се умира, другите се селат 

Резултатите од минатогодишниот попис само го потврдија она на што веќе со децении предупредуваа демографите – македонските граѓани се иселуваат. Сите истражувања на јавното мислење досега покажале дека 70 отсто од младите сакаат да ја напуштат државата. Пописните резултати тоа и го докажаа.

Ако се споредуваат бројките за бројот на населението од пред 20 години (пописот во 2002) со резултатите од минатогодишниот попис, ќе видиме дека речиси во сите општини во Македонија депопулацијата претставува незапирлив процес за овие 20 години.

Само од Гостивар за овие 20 години се заминале 21.272 лица, или 26 отсто од популацијата или по повеќе од 1.000 лица годишно. Струга е трет град во земјава кој изгубил најмногу население во изминативе две децении. Општината изгубила 20 отсто од жителите – според последниот попис во оваа општина живеат 50.980 жители, што е за 12.396 помалку во однос на пописот во 2002 година.

Охрид има намалување на населението за 4.321 лице , толку лица помалку живеат во градот споредено со резултатите од пописот во 2002 година кога бројот на вкупно запишани граѓани изнесувал 55.749. Според пописот од 2021 година таа бројка е 51.428.

Процентите се најпоразителни за општините Маврово Ростуше и Центар Жупа. Во споредба со 2002 година таму има по 40% помалку население денес, отколку пред 20 години. На последните локални избори токму во овие општини немаше цензус за избор на градоначалници.

Иселувањето е карактеристично и за западниот и за источниот дел од земјата.

Во општините Ново Село, Зрновци и Чешиново Облешево има за 36% и 40% помалку од популацијата од пред 20 години.

Во Зрновци депопулацијата покажува намалување на населението за една третина.

И големите општини, како Кочани на пример, се помалубројни во споредба од пред 20 години – за 6.490 жители. Во Виница населението се намалило за над 5.000 жители. Берово има 3.000 помалку жители, во Делчево 3.920 луѓе…

Експертите велат дека главна причина за иселувањето е економијата и уште еднаш потенцираат дека е неопходна целосна децентрализација и рамномерен развој на општините.

Пописните резултати неумоливо потврдија: младите луѓе масовно си заминуваат од државата. На пописот во 2002-та, лицата на возраст од 15 до 29 години сочинувале 23,8 отсто од вкупното население, а во 2021 се 5 отсто помалку. Трендот на „стареење на нацијата“ е забележлив и во урбаните и во руралните средини: во Ново Село има само 13 отсто младо население, во Дебарца 13,5, но и во скопската општина Центар има само 13,2 отсто.

Според резултатите од пописот во Македонија живеат 1.836.713 жители, што е намалување од 9,2 отсто, или 185.834 лица помалку во однос на последниот попис на населението од 2002 година.

Според возрасната структура, најголем процент од населението 7 отсто се во возрасната група од 40-44 години. Просечната возраст на населението е 40,08 години.

Анализа на податоците по старост, покажува дека Македонија има само 3,84 жители кои се работоспособни за секој пензионер (лице над 65 години). На пописот во 2002 година, овој сооднос бил 6,46 работоспособни лица за секој пензионер.

Ова е само уште еден лош показател за одржливоста на демографската структура во Македонија, како и за економијата на земјата.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons