Полскиот премиер: Дојде крајот на ерата на наивната глобализација
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека дошол крајот на ерата на наивната глобализација и дека Полска повеќе нема да дозволува нејзините фирми да бидат губитници во безобѕирниот натпревар на егоистите и интернационалните гиганти на светските пазари.
„Задача на полскиот менаџер и кога е на чело на компанија од берзата како во случајот не енергетските претпријатија е на полската држава да ѝ гарантира енергетска безбедност. Светот на суров начин нè учи, и од тоа мораме да извлечеме поуки, дека капиталот има националност, стопанството има националност“, кажа Туск на Европскиот форум на нови идеи во Варшава.
Полскиот премиер истакна дека кога станува збор за државните и полудржавните претпријатија, во нив не смее да биде примарно максимализирањето на добивката.
„Кога главната смисла би било само максимализирањето на добивката, што тогаш државата би барала во такво претпријатие“, кажа Туск.
Тој соопшти дека наредил во иднина да му поднесуваат извештаи за сите државни инвестиции со акцент на тоа на кој начин се води политиката на преферирање на полскиот капитал и полските стопанственици.
„Донесовме одлука дека целото вложување во првата нуклеарна централа, 12,6 милијарди евра, мора да оди непосредно на полски претпријатија, изведувачи, произведувачите на работите кога станува збор за таа инвестиција мора да бидат од Полска. Тоа мора да бидат полски фирми и тоа е возможно“, кажа Туск.
Полскиот премиер предупреди дека тој што нема да извлече правилни поуки од сегашната ситуација во светот ќе остане меѓу губитниците.
Заврши ерата на наивната глобализација. Ако сакаме нашата економија да биде успешна, да градиме безбедна држава, мораме себеси и на другите да им кажеме дека Полска во оваа безобѕирна трка на егоисти на светските пазари нема да биде наивен партнер. Време е за обнова на националоното стопанство, реполонизација на стопанството, пазарот и капиталот“, кажа Туск.
Во низата коментари на социјалните мрежи опозицијата го обвини премиерот дека најавата за протекционизам на полскиот капитал е само вешт трик во кампањата пред изборите за претседател на Полска кон средината на мај.
„Ветување! Туск сака на тендерите да победуваат полски фирми. Предизборен трик. Да го направи тоа мора да ги смени законите, а нема да биде храбар бидејќи ќе има притисоци од странство“, порача на социјалната мрежа Икс пратеникот на опозициските националисти од партијата Конфедерација Михаил Полубочек.