Половина од жените во Македонија биле жртви на семејно насилство, алармира ОБСЕ
На јавната расправа посветена на „Спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство“, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал, истакна дека законите во Северна Македонија се солидни, но нивната имплементација останува клучен предизвик.
„Законите против насилството се делотворни онолку колку што е нивното спроведување. Тоа бара ресурси, обука и координиран пристап меѓу полицијата, судството, здравствените и социјалните служби. Разрешувањето на насилството врз жените значи градење општество во кое секој може да живее без страв“, рече Вал. Тој потсети дека вистинската примена на Инстанбулската конвенција е од суштинско значење за подобра заштита на жртвите.
Според истражувањето на ОБСЕ, половина од жените во Македонија искусиле некаква форма на насилство, а 14% биле жртви на физичко или сексуално насилство. Една од десет жени се соочила со демнење.
Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жените истакна дека и покрај унапредувањето на законската рамка, имплементацијата е сериозно ограничена од недостаток на финансии. „Три години по донесувањето на законот, не сме ни блиску до исполнување на минимум стандардите за специјализирани услуги. Без да обезбедиме средства, сите законски измени се непотребни“, порача таа.
Дополнително, Димушевска ја изрази загриженоста за кратењето на буџетот за социјални услуги, нагласувајќи: „Мора да предвидиме пари во националниот буџет, инаку напредокот ќе биде само на хартија.“
Заменик-министерот за социјална политика, Ѓоко Велковски, призна дека државата е далеку од исполнување на стандардите на Истанбулската конвенција, но најави напредок. „Во седум плански региони се воспоставени специјализирани сервиси за жени жртви на насилство, а во наредниот период ќе се отворат нови десет. Подготвуваме осумгодишна национална стратегија со акциски план“, рече Велковски.