Актуелно

Половина Македонија пие флаширана вода, екпертите велат дека повеќе е мода отколку потреба

Вкупно 12.824 домаќинства во Македонија пијат вода во шишиња, покажаа податоците од последниот попис од 2021 година на Државниот завод за статистика. Експертите велат дека оваа бројка неколкукратно е зголемена во последните пет години, но за колку, нема официјални податоци. Во статистичките податоци од пред пет години нема детали дали овие граѓани одбиваат да пијат вода од јавните водоводи затоа што не веруваат во нејзината исправност или едноставно немаат друг пристап до овој важен ресурс. Во маркетите велат дека побарувачката на вода за пиење расте од месец на месец, а ова го потврдуваат и дел од фабриките што ги контактираше „Слободен печат“ кои произведуваат вода во шишиња. Цените во маркетите се движат од 22 до 45 денари за шише од литар и половина.

Зголемената потрошувачка на пакувана вода е посебно изразена сега по поплавите кои ја зафатија земјава, но и летно време кога цели градови остануваат без вода за пиење.

Мода или недоверба

Ордан Чукалиев, професор на Факултетот за земјоделство и храна од Скопје, вели дека секаде каде што има водовод и јасно е кажано дека водата е безбедна за пиење, треба да се пие, а не да се купува пакувана вода.

– Причините за зголемената потрошувачка на пакувана вода се различни. Дел од граѓаните не веруваат во исправноста на водата од јавните водоводи, иако таа редовно се контролира и подлежи на постојани хемиски и микробиолошки анализи. За разлика од тоа, пакуваната вода најчесто се контролира пред добивање дозвола за работа, а понатамошните проверки се вршат поретко и по случаен избор – вели Чукалиев.

Тој објаснува дека количините по човек на годишно ниво се еден кубик вода за пиење по лице, а во земјава има обезбедено водоводи скоро секаде.

– Вкупните дневни потреби по жител се околу 160 литри на ден. Тука се пресметани сите потреби како перење, одржување лична хигиена, вода за наводнување. Проблемот кај нас е злоупотребата на водата за пиење за други намени, се наводнува со неа, а голем дел и незаконски ја користат – вели Чукалиев.

Дополнително, истражувањата покажуваат дека честите прекини во водоснабдувањето и локалните проблеми со квалитетот на водата ги принудуваат граѓаните да купуваат флаширана вода што претставува дополнително финансиско оптоварување, особено во време на растечки трошоци за живот.

Се „губи“ водата за пиење

Пописните податоци откриваат и структурни проблеми во пристапот до вода за пиење. Дури 567 домаќинства полнат вода од улична чешма поврзана со јавен водовод, а 4.720 семејства зависат од улични чешми со вода од посебен извор. Уште 4.839 семејства се снабдуваат од копани бунари. Иако 547.114 домаќинства имаат приклучок на јавен водовод, тоа не значи дека водоснабдувањето е секогаш континуирано или без проблеми.

Според анализите, 88,9 проценти од домаќинствата се снабдуваат преку централизирани системи, но 11,1 проценти немаат пристап до хемиски и биолошки проверена вода за пиење. Регионалните разлики се значајни – додека во Скопскиот Регион покриеноста е околу 91 процент, во Североисточниот, Југозападниот и Полошкиот регион дури 25 – 34 проценти од домаќинствата немаат пристап до јавен водовод. Дополнителен проблем се загубите во водоводните системи. Иако на национално ниво е забележано намалување на процентот на неплатена вода, во одделни општини загубите достигнуваат и до 92 проценти од произведената вода. Според меѓународните стандарди, прифатливо ниво на загуби би требало да биде под 30 проценти. Во вакви услови, флаширана вода станува алтернатива, било поради недоверба, било поради реални проблеми со снабдувањето. Но, експертите предупредуваат дека долгорочното решение не лежи во зголемена потрошувачка на пакувана вода, туку во модернизација на водоводната инфраструктура, намалување на загубите и транспарентно информирање на јавноста за квалитетот на водата од чешма.

Иако најголем дел од населението има пристап до јавен водовод, растечката потрошувачка на флаширана вода укажува на постоење на недоверба, инфраструктурни слабости и регионални нееднаквости кои сè уште не се надминати.

За две години двојно зголемување на потрошувачката во светот

Потрошувачката на флаширана вода во светот продолжува да расте, достигнувајќи речиси 700 милијарди литри годишно за 2024 година. Овој тренд е особено изразен во земји како Италија, Мексико, Тајланд и САД, каде по глава на жител се троши помеѓу 150 и 200 литри годишно. Главните фактори за ова се недоверба во квалитетот на водата од чешма, климатските услови и урбаните навики на населението. За споредба пред пет години потрошувачката била околу 400 милијарди литри.

Еколошките последици се значајни. Производството, пакувањето и транспортот на флаширана вода бараат огромни количини енергија и вода, а само околу половината од шишињата се рециклираат. Дополнително, транспортот создава значителни емисии на CO₂, особено кога водата се извезува на големи растојанија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons