Полициски хеликоптер надлетува над аеродромот во Минхен поради дронови
Безбедносните сили на аеродромот во Минхен се во состојба на зголемена готовност додека федералната полиција истражува мистериозни дронови кои предизвикаа хаос во воздушниот сообраќај. Полициски хеликоптер моментално кружи околу аеродромската област за да ја обезбеди ситуацијата, пишува Билд.де.
Портпаролот го потврди ангажманот на хеликоптерот од Обершлајсхајм. „Хеликоптерот кружи од безбедносни причини по инцидентите со дронови над воздушниот простор на аеродромот во Минхен“, изјави тој.
Последниот инцидент се случил кратко пред 23 часот во петокот, кога дронови биле забележани над двете писти. „По еден дрон бил забележан истовремено и на северната и на јужната писта. Кога биле забележани, дроновите веднаш се свртеле и исчезнале, па не можеле да бидат идентификувани“, изјави портпарол на федералната полиција за Билд.
Истражителите се соочуваат со голем предизвик во откривањето на позадината на овие инциденти. „Од каде полетале дроновите сè уште е нејасно“, призна Стефан Бајер од полицијата во Минхен.
Дури 6.500 патници останале заглавени на аеродромот во саботата навечер поради алармот. Иако пријавувањето за првите летови е обновено, а првиот авион полета во 7 часот наутро, распоредот покажува дека голем број закажани летови за саботата наутро биле откажани.
Кога беа прашани за конкретни мерки што се преземаат за пронаоѓање на одговорните, властите остануваат таинствени. „Ова се оперативно-тактички мерки за кои во моментов не можеме да коментираме“, кратко рече Стефан Бајер.