Пожарот во Тетово ги топел возилата на пожарникарите
Колкави се последиците од горењето на стотина тони опасни хемикалии во околината на Тетово, кои завршија и во воздухот и во почвата, допрва ќе се утврдува.
Пожарот што избувна во фабриката за бои и лакови кај село Фалише, Општина Тетово, е ставен под контрола. Но, колкави се последиците од горењето на стотина тони опасни хемикалии, кои завршија и во воздухот и во почвата, допрва ќе се утврдува.
Екипа Од ЈЗУ Центар за јавно здравје Тетово е на терен за да ја испитаат водата за пиење.Резултатите ќе бидат готови за неколку дена. Од ЈЗУ Тетово укажуваат дека состојбата на водата ќе биде во ред, бидејќи бушотината од која што се црпи вода е на 50 метри длабочина.
Сведоштва
Пожарникарите сведочат дека им биле потребни шест – седум часа за да се стави огнот под контрола. На моменти ситуацијата била толку опасна, што поради температурата која што се развива при горењето на боите и хемикалиите, не можеле да се приближат повеќе од 50 метри од жариштето.
„Разредувачи, бои во боци, гипсови и други хемикалии беа зафатени од огнот. Повеќе од 50 метри не можевме да се доближиме до огнот поради огромната температура. Шофершајбната на еден од камионите се стопи, додека на друг се стопија ретровизор и штопови“, вели за ДВ Бобан Трпкоски, противпожарен инструктор од Тетово.
Тој укажува дека е опасно што отровите не завршуваат само во воздухот, туку и во почвата, а со тоа и на трпезата, преку конзумирање на зеленчук и овошје.
Систем за заштита
Во дворот на фабриката се уште горат алуминиумските сталажи изнесени од фабриката. Но, она што загрижува, според пожарникарите е што немале во близина ниту вода, ниту хидранти за да се спречи огнот кој се ширел со голема брзина.
„Камионите со вода ги полневме во Тетекс, се снаоѓавме како знаеме и умееме, но загрижува тоа што големи фабрики коишто работат со многу запаллив материјал, немаат систем за заштита од пожари“, вели Трпкоски, пожарникар од Тетово.
И командирот на Територијалната противпожарна единица-Тетово, Авни Амети во изјава за медиумите вели дека немањето на соодветната противпожарна заштита е една од причините за честите пожари.
„Ваквите објекти внатре имаат многу материјали што се лесно запалливи. На ваквите објекти им се дадени лиценци без никакви дозволи, ниту имаат систем на хидранти или некоја противпожарна заштита. Надлежните кои даваат дозволи треба повеќе да внимаваат оти во Полошкиот регион имавме два вакви слични пожари, а фирмите немаа ниту хидранти, ниту некаква заштитна опрема“, вели Амети.
Загаден и воздухот и водата
Зошто по пожарот на магацин со бои и лакови во тетовското село Фалише не се изврши мерење на загаденоста на воздухот? Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова вели дека по пожарот на магацинот со бои и лакови во тетовско Фалише евидентно е дека ќе има загадување на воздухот, но за жал не може да се измери, бидејќи станува збор за органска материја.
Во земјата во моментов нема акредитирана метода, што може да мери испарување на органски загадувачи во воздухот.
„Општината треба да провери дали овој склад работел со предвидени мерки, а особено противпожарни мерки и дали има елаборат за заштита на животната средина. Затоа и постојано посочуваме кога се отвараат било какви вакви, дали се тоа магацини, дали се тоа помали објекти каде што се работи со вакви материи мора да се почитува законската регулатива, во делот на животната средина“, рече денеска Шукова.
Со оглед на тоа дека од пожарот ќе има загадување на воздухот, како и на водите и почвата, се апелира до граѓаните да внимаваат.
Втора катастрофа
Ова е втор пат во Тетово да се случуваат катастрофи од енормни размери. Лани опасни и канцерогени материи гореа при голем пожар во Тетово којшто ја зафати фабриката за стиропор Профикс.
„Време е надлежните институции и инспекторати да ги разгледаат законските прописи со кои ќе има построги контроли и стандарди за заштита од пожари за фабриките или магацините каде што има хемиски материјали чие палење може да предизвика големи и сериозни последици како овие“, посочуваат од Еко герила од Тетово.
Тие сметаат дека треба да се размисли дали фабриките или магацините како овие треба да бидат блиску до населбите или треба да бидат во индустриски области далеку од населбите.
„За жал, кај нас културата на неказнивост и корупција со овој руиниран правосуден систем достигна големи размери. Тоа се и последиците од пожарите кои често ни се случуваат каде што луѓето ги губат животите, а никој не реагира“, додаваат од еколошкото здружение.
Извор: dw.com