Пожарот во ресенско Д.Дупени ставен под контрола, во ловиштето Јасен и натаму е активен
Пожарот кој вчера попладне избувна во атарот на ресенското село Долно Дупени, во близина на Преспанското Езеро, е целосно ставен под контрола. Благодарение на навремената интервенција на екипите од Територијалната противпожарна единица – Ресен и службите на „Национални шуми“, огнената линија е пресечена и спречено е негово натамошно ширење, јавуваат од Дирекцијата за заштита и спасување.
Во моментов пожарникарите и шумските работници патролираат по критичните делови од теренот, а доколку се забележи ново појавување на пламен, веднаш реагираат со цел да се спречи повторно разгорување.
За разлика од Преспанскиот регион, состојбата во ловиштето „Јасен“ и понатаму е сериозна. Пожарот таму е активен веќе неколку дена, а поради исклучително непристапниот терен, екипите на ЈП „Јасен“ и „Национални шуми“ засега не можат директно да дејствуваат на местата каде што се шири огнот.
Утрово во гаснењето беа вклучени и два полициски хеликоптери кои вршеа водени налети, но силниот ветер значително го намали ефектот од нивната интервенција. Како дополнителна поддршка, кон критичниот предел се упатија два „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување, а превентивно на терен се испраќаат и три возила „пинцгауер“ со специјализирана опрема.
Во акцијата ќе бидат вклучени и 25 припадници на Министерството за внатрешни работи, кои ќе асистираат во обезбедувањето на теренот и ќе помогнат во координацијата на напорите за гаснење. Надлежните апелираат граѓаните да се воздржат од активности кои можат да предизвикаат нови пожари, особено поради топлото и суво време проследено со ветер.