Пожарникарите пет дена се борат со пожар во Крушевско
Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрово информира за регистрирани 10 пожари на отворен простор изминатото деноноќие. Од нив, девет биле изгаснати, а еден сѐ уште се води како активен.
Пожарот што е сѐ уште активен е во општина Крушево. Избувнал на 3 ноември, горела букова шума на место викано „Белушки ледини“ над селото Белушино. На 6 ноември, пожарот повторно се активирал.
„ Гореле букова шума и сува трева. Вчера на гаснење се упатиле тројца пожарникари од ТППЕ – Крушево со едно теренско возило и шестмина вработени во ЈП „Национални шуми“ – подружница „Липа“ од Крушево со едно теренско возило. Заради непристапноста на теренот, гаснењето било отежнато, бидејќи се одело пешки. Пожарот е локализиран и ставен под контрола. Зафатена површина од околу 25 хектари. Заради затемнување, екипата се повлече од терен по 15 часот, по потреба ќе се интервенира во текот на денешниот ден“, се појаснува во соопштението.