Свет

Подгорица ја изгуби битката со Тирана, канцеларијата на Европскиот парламент ќе биде во Албанија

Канцеларијата на Европскиот парламент за Западен Балкан ќе биде отворена во Тирана, одлучи оваа институција на Европската Унија по повеќемесечно разгледување дали претставништвото да го отворат во Црна Гора или во Албанија. Тоа го потврди и албанскиот премиер Еди Рама и најави голем самит на НАТО на 16 мај, каде ќе присуствуваат 46 светски земји.

Целта на отворањето на канцеларијата е засилен ангажман на просторот на Балканот, со цел надзор над процесот на проширување. Како што пренесува подгоричка Побједа, од мај минатата година во Европскиот парламент се разгледувале две опции, дали претставништвото да биде отворено во Подгорица или во Тирана. Одлуката сепак на крајот паднала на Албанија.

„Во контекст на засилените геополитички тензии и обновениот замав на проширувањето на ЕУ, новата канцеларија на Парламентот во Тирана ќе служи како клучна контакт точка меѓу Европскиот парламент, цивилното општество и локалните партнери на Западен Балкан“, наведе Европскиот парламент по усвојувањето на одлуката.

Канцеларијата, како што се додава, ќе ги промовира ставовите и активностите на Парламентот, особено во врска со пристапувањето во ЕУ, и ќе ги поддржува демократијата и институционалните реформи во регионот.

Албанскиот премиер Еди Рама кажа дека со отворањето на канцеларијата во Албанија, ЕП ја потврдува пошироката стратегија на ЕУ и ја дефинира Албанија како референтна точка во Европскиот парламент и како скорешна членка на ЕП.

„ЕУ отвора неколку канцеларии, а Албанија станува земја домаќин на канцеларијата на Европскиот парламент во Тирана. Уште една канцеларија ќе биде отворена во Молдавија, на границата со Русија“, кажа Рама.

Тој истакна и дека веќе се почнати подготовките за големиот самит на НАТО во Албанија на 16 мај, а дека лидерите на ЕУ ќе присуствуваат на вечера еден ден претходно.

„Така на 15 мај ќе ги дочекаме сите лидери на ЕУ, а на 16 мај ќе дојдат 46 светски лидери“, се пофали Рама.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons