Повеќе повредени во експлозија во воена фабрика во Србија
Повеќе лица се повредени во експлозија што се случи утрово во воената фабрика Крушик во Ваљево, западна Србија.
Според неофицијални информации од болницата во Ваљево, повредени се седум лица, од кои сите се здобиле со полесни повреди, објавија српските медиуми.
Експлозијата се случила во 7:40 часот, а причината засега не е позната.
„Утринава околу 7 часот и 40 минути за време на редовните активности на пресување на пентрит дошло до активирање на засилувачот на запалувачот на пресата, при што еден вработен се здобил со исеченици, а четворица со симптоми на зуење во ушите. Работниците биле испратени во болницата во Ваљево за помош и проверка на слухот“, соопштија од фабриката, пренесе Н1.
Седум пациенти со полесни повреди пристигнале во Ургентниот центар во Ваљево утрово во 7 часот и 55 минути, дознава Танјуг од Здравствениот дом во Ваљево.
Како што е соопштено, сите пациенти се пожалиле на губење на слухот, една пациентка имала расекотина на скалпот, а двајца пациенти со повреди на рацете.