Спорт

Пелистер ја преживеа драмата во Битола и со победа над Загреб ја почна новата сезона во ЛШ

Македонскиот ракометен шампион, Пелистер има идеален старт на новата сезона во Лигата на шампионите откако денеска во Битола го совлада Загреб со 25-23.

Пелистер на крилјата на гласните домашни навивачи конечно дојде до победа над Загреб од кој губеше во изминатите години во Лигата на шампионите.

Овојпат приказната беше поинаква, Пелистер водеше од самиот старт на мечот, но Загреб не се даваше, резултатот беше близок. Битолскиот тим имаше 13-10 во финишот од првиот дел, пропушти неколку можности за уште поголемо водство, на полувремето замина со само еден гол позитива 13-12.

Загреб многу подобро го отвори второто полувреме, направи серија од 4-1 и поведе со 16-14. Но Пелистер успеа да се совземе и да ја врати позитивата.

Битолскиот тим непотребно влезе во драматична завршница, при водство од 24-22 Кузмановски промаши зицер од шест метри. Загреб се врати, следуваше промашување и на Пешевски, гостите нападнаа за израмнување во последните секунди при 24-23. За среќа на Пелистер гостинските ракометари не дадоа гол, Хеидаридад одбрани и тој шутна од гол на гол погодувајќи за конечни 25-23.

Најефикасен во составот на Пелистер беше Дејан Манасков со осум голови, Кузмановски даде шест, четири запиша Хосни. Кај Загреб прво име беше Фили Главаш со седум погодоци.

Следниот меч на Пелистер е на 18. септември кога во Париз му гостуваат на моќниот ПСЖ.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons