Пеколни горештини во Македонија, нови правила за движење во шума
Македонија под вршник. Температурата и денеска надмина 40 степени. Екстремно топлиот бран ги продолжи владините препораки за заштита и во следните 10-ина дена.
Владата бара работодавачите да ги ослободат од работа бремените жени и лицата над 60 години, а ако имаат можност да им обезбедат онлајн присуство. Децата во градинките да не се изнесуваат надвор од 11 до 17. Во истиот период, сите фирми да престанат со активности на отворено, особено оние во кои работат градежните работници.
На предлог на министерството за земјоделие, воведена е делумна забрана за движење во заштитените подрачја Јасен, Маврово, Попова Шапка и Пелистер.
„Се работи за делумна забрана за движење во шума која ќе се однесува од 6 часот до 20 часот. Тоа значи дека не е забрането движењето за сите. Ќе можат да се движат граѓаните, планинарските друштва, секој оној што преходно ќе извади дозвола во подружниците на Национални шуми“ – Валентин Груевски, директор на ЈП „Национални шуми“
Со забраната не е опфатено Водно. Таму граѓаните ќе можат да се движат без рестрикции и дозволи, но најавени се чести контроли.
Од ЦУК велат дека двата авиони за гаснење кои се пратени во Хрватска на сервис и требаше да бидат вратени до крајот на јуни, се уште не се пристигнати. Според Ангелов, треба да стигнат неделава.
„Во моментов на располагање имаме два армиски хеликоптери, два на полицијата, три авиони на дирекцијата со тоа што двата треба да стигнат за 2-3 дена. Едниот е овде, подговтвен за дејство. Другите се завршени со сервис. И на располагање имаме поголем број цистерни со пумпи. Проблемот е што вегетацијата премногу ќе се исуши, тоа е веќе случај, постои ризик од десетици пожари во исто време. Тогаш нашите ресури не се доволни да ги покриеме сите овие пожари“ – Стојанче Ангелов, директор на ЦУК
Двата ер-трактори се во надлежност на дирекцијата за заштита и спасување, но оттаму не добвиме инфомација за нив оти директорот беше недостапен.
Во меѓувреме, трудовите инспектори направиле над 160 контроли на терен, а 30 компании добиле забрана за работа затоа што не ги почитувале владините препораки.