Пауновиќ: До оваа година немавме освоено сет, а сега имаме две победи на четири меча
Селекторот на македонската женска одбојкарска репрезентација, Стефан Пауновиќ е задоволен од резултатите во првите два турнири од Европската сребрена лига.
Македонската женска одбојкарска репрезентација од 13 до 15 јуни го игра последниот турнир во Европската Сребрена лига во Струмица.
Досега Македонија одигра четири натпревари, при што запиша две победи против Луксембург и Фарски Острови, а загуби од Швајцарија и Австрија.
„До оваа година немавме освоено сет, а сега имаме две победи по четири одиграни натпревари и задоволен сум. Од турнир во турнир играме сè подобро и навистина ме радува што растеме како екипа. Многупати потенцирав дека имаме одлична атмосфера, девојките имаат убава енергија надвор од теренот, а истата ја пренесуваат во игра и се поддршка една на друга, што многу значи во полето. Во пресрет на последниот турнир работиме на корекција на некои работи кои се покажаа како проблем и не беа добри во нашата игра. Се надевам дека ќе ги поправиме и во најдобро светло ќе се покажеме на последниот турнир во годинешното издание“, кажа Пауновиќ.
Репрезентацијата на Македонија на 13 јуни ќе се соочи против Израел од 19 часот, а еден ден подоцна во истиот термин игра против Грузија.
Фото: Одбојкарска репрезентација на Македонија