Патарините за првите шест месеци од годинава наплатиле над 30 милиони евра
Од патарини во првата половина од годинава се наплатени 1.900.255.930 денари (30,89 милиони евра) за 78 милиони денари повеќе во однос на истиот период од минатата година. Евидентираниот раст на електронската наплата се очекува да се зголеми со надополнувањето на електронските уреди – М-карта и М-таг – преку широка мрежа на малопродажни објекти низ целата држава, за што Јавното претпријатие за држави патишта наскоро ќе објави повик за избор на оператор.
„ЈПДП бележи континуиран раст на приходите од наплата на патарина. Од почетокот на 2025 година до денес вкупниот приход за првото полугодие е 1.900.255.930 денари или во споредба со истиот период во 2024 година е повеќе за 78.000.000денари. Што се однесува до начинот на плаќање во сериозен раст е употребата на ЕНП електронска наплата на патарина, и ова укажува на тренд на зголемeна дигитализација и побрз проток на сообраќај на патарините, изјави за МИА Коце Трајановски, директор на ЈПДП.
Наплатата е 99,6 проценти, што, потенцира Трајановски, значи се намалува и процентот на таканаречените „неплаќачи“.
Во системот Отворен Балкан досега се регистрирани 5077 македонски тагови и 8500 српски тагови.