Патарините во Отворен Балкан во еден систем и на попуст
Возачите наскоро ќе плаќаат патарина по електронски пат, со еден уред ТАГ, во три земји – Србија, Северна Македонија и Албанија. На неодамнешниот самит во Охрид беше договорено да се воспостави единствен електронски систем за наплата во трите земји, а подоцна и во другите земји кои ќе се приклучат на иницијативата Отворен Балкан.
Инаку, цената на патарината преку Србија за оние кои тргнуваат од Суботица до Прешево е 2.120 динари, додека за возачите од Белград до границата со Северна Македонија ги чини 1.490 динари. Патарината преку Северна Македонија чини вкупно 8,5 евра, а преку Албанија е 5 евра, објавува Блиц.
Новиот систем треба да стапи во сила во август, а во тек е фазата на тестирање. Потоа граѓаните на Србија, Северна Македонија и Албанија ќе можат да плаќаат патарина во сите три земји без застанување со истиот електронски уред за наплата. Со тоа ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот, ќе се намали метежот на автопатите и ќе се олесни протокот на возила на наплатните станици, а граѓаните побрзо ќе стигнат до посакуваната дестинација.
Постапката е многу едноставна. Возачите практично треба само да дојдат на бензинската пумпа и да побараат нивниот таг уред да биде Open Balkan. Она што е важно е дека иницијативата подразбира патарината со оваа ознака да биде поевтина за пет отсто во Србија, Албанија и Северна Македонија.