„ПАРИТЕ БИЛЕ ЗАД ЅИД ОД ЦИГЛИ СО ПЛОЧКИ, КАКО МЕКСИКАНСКИТЕ НАРКО – КАРТЕЛИ“: судијата Ристовски на боледување од 14 јануари
Судијата Ѓоко Ристов, кој е опфатен во истрагата околу митото кое го примил адвокатот и пранешен државен правобранител Фехми Стафа, од средата не одел на работа во Апелациониот суд во Скопје.
Како што објави Телма, судијата Ристов отворил боледување од 14 јануари.
Во меѓувреме ОЈО ГОКК се поготвувалo да изврши претреси по кои во куќа на неговите родители во Неготино биле пронајдени соѕидани 350 илјади евра.
Иако од Телма побарале одговори од МВР дали судијата Ристов го искористил својот пасош и ја напуштил земјава, одговор немало.
„Во однос на Вашето барање за доставување на информации, Ве информираме дека податоци за преминување на државната граница (влез или излез од државата) можат да се достават исклучиво по официјално барање од надлежна институција во рамки на законски утврдена постапка, или по писмено барање поднесено лично од засегнатото лице, согласно важечките законски прописи за заштита на личните податоци и правата на граѓаните“, велат од МВР.
На прашање дали неговото име и презиме е ставено на Стоп листа, од МВР со сличен одговор дека постапуваат по барања на надлежни органи. За да биде приведен Ристов потребно е да му се одземе неговиот имунитет.
До Судскиот совет се уште не стигнало такво барање за судијата кој се сомничи за противправно стекнување и прикривање на имот. Според Законот за судови, судија не може да биде притворен без одобрување на Судскиот совет на Република Македонија, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.
Парите беа пронајдени во претрес на куќа на неговите родители во Неготино. Но, претходно била проверувана викендица на судијата во близина на Неготино, а пред еден месец имало и претрес во друг објект. Се користеле и специјални апарати за проверка на внатрешноста на ѕидовите.
Се наоѓале во празен простор зад ѕид од цигли врз кои имало и плочки, нешто слично како што ги кријат мексиканските нарко-картели.
Истрагата е отворена на средината на декември, по апсењето на адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа кој како бранител на бегалецот Љупчо Пецов Ѓаволот му зел 50.000 евра за да му „среди“ и подмити судија за замена на затворскиот притвор со домашен. Не се откри идентитетот на судијата, само дека е од Апелациониот суд. Стафа заврши во притвор, а Пецов, кој е сограѓанин со Ристов, односно поттекнува од Неготино после двегодишно бегство доби куќен притвор.



