Папата Франциско се сретна со Венс, присуствуваше на велигденската миса и повика на итен прекин на огнот во Газа
Папата Франциско во неделата наутро имаше приватна средба во Ватикан со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, се вели во соопштението на Ватикан.
Венс, католик кој се судри со папата околу имиграциската политика на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, се состана со папата во неговата резиденција во Ватикан за да размени велигденски честитки, се вели во соопштението.
Во Ватикан денеска се славеше Велигден, а од балконот папата Франциско го следеше традиционалното предавање на пораката „До градот и светот“ (Urbi et orbi).
Тој сѐ уште закрепнува од тешко воспаление на белите дробови.
Папата Франциско го повтори повикот за итен прекин на огнот во Газа во велигденската порака што ја прочита неговиот помошник.
Во својата велигденска порака, Папата ја опиша ситуацијата во Газа како „драматична и жална“. Тој, исто така, ја повика палестинската милитантна група Хамас да ги ослободи преостанатите заложници и го осуди, како што рече, „загрижувачкиот“ пораст на антисемитизмот низ светот.
„Ја изразувам мојата блискост со страдањата… на сите Израелци и Палестинци“, се наведува во пораката.
„Апелирам до завојуваните страни: прогласете прекин на огнот, ослободете ги заложниците и помогнете им на гладните луѓе кои се стремат кон мирна иднина“, продолжува.
Наместо него, кардиналот Анџело Комастри отслужи миса на отворено пред илјадници луѓе на плоштадот Свети Петар и одржа проповед подготвена од Папата.
Папата се појави во јавноста само неколку пати откако се врати во Ватикан на 23 март, откако беше во болница 38 дена.
Тој исто така ја прескокна мисата на Велики петок и на Велика сабота пред Велигден, но се очекуваше да се појави денеска.
Велигден е најрадосниот празник во христијанскиот календар, кога верниците го слават Христовото воскресение по неговото распнување.
Оваа година и католиците и православните христијани го слават Велигден на ист ден.
Велигден традиционално се слави во Ватикан со велигденска миса на која се пренесува традиционалната порака „До градот и светот“ (Urbi et Orbi).