Падна француската влада
Францускиот парламент денеска ѝ изгласа недоверба на владата предводена од премиерот Мишел Барние.
Францускиот парламент денеска ѝ изгласа недоверба на владата предводена од премиерот Мишел Барние.
За недоверба на владата гласаа 331 пратеник, значително повеќе од потребното мнозинство од 288.
Барние, кој е на функција само три месеци, сега е должен да поднесе оставка, заедно со оставка на целата влада, до претседателот Емануел Макрон.
Ова е првпат на една влада да и биде изгласана недоверба од 1962 година, кога падна владата на Жорж Помпиду. Дебаклот на француската влада влече корени во одлуката на претседателот Макрон да го распушти парламентот во јуни, што доведе до предвремени избори. Овие избори резултираа со парламент поделен на три приближно еднакви групи без јасно мнозинство, а Макрон не сакаше да им даде доверба на левата или на десната опција, туку на центристите блиски до него.
Ова значеше дека малцинската центристичка влада предводена од Мишел Барние беше на милост и немилост на левичарскиот сојуз Нов народен фронт (НФП) и екстремно десничарскиот Национален собир (РН) предводен од Марин Лепен, кои заедно имаа доволно пратеници за да ја сменат од власт.
Барние во понеделникот најави дека, за да избегне гласање во парламентот, ќе го протурка делот од буџетот што се однесува на социјалното осигурување преку посебна процедура, што не го поддржаа ниту НФП ниту РН. Оваа процедура, пак, им овозможи на претставниците на опозицијата да иницираат гласање недоверба. И левицата и екстремната десница ветија дека ќе го сторат тоа по дебатата, која започна денеска во 16 часот.
Нови избори уставно не се можни пред јуни, а Макрон сега ќе се соочи со голем предизвик во назначувањето нова влада во парламентот, кој е поподелен од кога било, како и повиците за негова оставка.