Падна раководител на урбанизам во една општина – побарал мито од 13 илјади евра за изградба на апартмани
Денеска, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција реализираше акција во која беше уапсен Садредин Елезоски, раководител на Одделението за урбанизам и комунални дејности при Општина Маврово Ростуше, под сомнение за примање поткуп.
Според информациите, Елезоски побарал и примил поткуп во износ од 13.000 евра за да одобри урбанистички проект за изградба на апартмани и сместувачки капацитети. Исплатата требало да се одвива во неколку рати, а тој бил уапсен во моментот на примање на првата рата во една угостителска локација во Скопје.
Полицијата претходно криминалистички ги обработила парите, што било клучно за документирање на случајот. Истрагата продолжува со цел да се утврдат сите околности околу незаконските активности.