МакедонијаНајново

ОЈО: Нема одолговлекување на постапките, апел за одговорно информирање за трагедијата во Кочани

Јавното обвинителство соопшти дека по последните одлуки на Советот на јавни обвинители за избор на обвинители во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, се преземени сите неопходни мерки за непречено и ефикасно водење на постапките.

Оттаму нагласуваат дека ниту еден започнат предмет нема да биде одложен или усложнет поради евентуални кадровски промени.

„Ниту еден започнат процес нема да трпи неоправдано одолговлекување или усложнување, а во судница ќе има јавен обвинител подготвен да го застапува обвинението“, информираат од Обвинителството.

Во соопштението се појаснува дека Јавното обвинителство функционира како единствен орган и дека евентуалната промена на обвинител во текот на постапката не влијае врз нејзината динамика.

„Промената на обвинител судот ја нотира, а судењето продолжува онаму каде што запрело, без потреба од повторување на постапките“, наведуваат од ОЈО.

Обвинителството упати и апел за внимателно и одговорно информирање во јавноста, особено во контекст на предметите поврзани со трагедијата во Кочани.

„Сите јавно изнесени шпекулации и невистини за тоа како промената на јавен обвинител би можела да се одрази врз постапките, длабоко ги вознемируваат семејствата на жртвите и јавноста“, стои во реакцијата.

Дополнително, од ОЈО повикаа до Здружението на новинари и другите професионални организации да придонесат кон почитување на етичките стандарди и воздржаност при известување за вакви чувствителни случаи, со цел да се избегне дополнителна виктимизација на засегнатите.

Апел беше упатен и до сите јавни чинители да покажат одмереност во своите изјави, имајќи ја предвид сериозноста на настанот и последиците што ги предизвика.

„Како држава, на повредените, семејствата на жртвите и на сите граѓани им должиме законита и достоинствена судска постапка која ќе ги даде одговорите и очекуваната правда“, порачуваат од Јавното обвинителство.

Оттаму уверуваат дека ќе продолжат да постапуваат во рамки на своите надлежности, со цел обезбедување ефикасна и правична постапка без непотребни одолговлекувања.



Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons