Македонија

ОЈО ГОКК: Осомничени за случајот со марихуаната во Србија добија притвор

По изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека во случајот со запленетата марихуана има приведени лица, од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција информираа дека на две лица им е одреден краткотраен притвор од 48 часа.

Станува збор за лица кои претходно биле сослушани во својство на осомничени, а мерката им ја определил судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје.

Според прибраните докази, постојат основи на сомнение дека двете лица се поврзани со запленетите пет тони марихуана во Србија. Краткотрајниот притвор е одреден со цел да се обезбеди нивното присуство и да му се овозможи на јавниот обвинител да преземе дополнителни процесни дејствија.

Од Обвинителството посочуваат дека мерката е побарана поради сомневања дека осомничените преземале активности поврзани со заплената, а судот го прифатил предлогот поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик од довршување на делото.

Од Судот потврдија дека притворот им е одреден на лицата со иницијали А.И. и Д.С., врз основа на член 215 од Кривичниот законик, кој се однесува на неовластено производство и трговија со наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Од ОЈО ГОКК наведуваат дека истрагата продолжува и дека јавноста ќе биде навремено информирана за понатамошниот тек на постапката, согласно законските можности.

Соопштенијата од Обвинителството и Судот следуваат по изјавата на премиерот Мицкоски дека во овој случај има приведени лица.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons