Актуелно

ОЈО Битола бара да опстои мерката замрзнување парични средства во предметот за злоупотреби во РЕК Битола

Основното јавно обвинителство Битола вчера одново побара од Основниот суд во Битола да донесе одлука за определување привремена мерка – замрзнување на паричните средства во износ од околу 3 милиони евра од банкарска сметка на правното лице Друштво за производство, трговија и услуги РУД-КОП увоз-извоз ДООЕЛ Битола, бидејќи постои основано сомнение дека парите се стекнати како незаконска корист од кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластувања од член 353 од Кривичниот законик.

Имено, постапувајќи по жалба на правното лице, Кривичниот совет на Основниот суд во Битола донел решение со кое ја преиначил одлуката на судијата на претходна постапка и дозволил одмрзнување на паричните средства, а во замена е определена мерка – забрана за располагање и оттуѓување на недвижен имот и моторни возила во сопственост на правното лице.

За одлуката на Кривичниот совет на битолскиот суд, ОЈО Битола ниту беше известено, ниту имаше право на жалба. Одлуката за одмрзнување на паричните средства била донесена дури 2 месеци по изјавената жалба на правното лице и на истиот ден кога Основното јавно обвинителство Битола во Судот поднесе обвинение против 10 лица за злоупотреби при јавни набавки за избор на фирма за ископ на јаловина во РЕК Битола преку кои постои сомнение дека била стекната значителната имотна корист. Со обвинението се предлага одземање на таа корист доколку биде донесена осудителна пресуда.

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола смета дека со донесеното решение на Кривичниот совет за одмрзнување на паричните средства се оневозможува односно се прави целосно неизвесна идната евентуална конфискација на овие парични средства како директна имотна корист од кривичното дело.

Уште повеќе што со преиначување на првично определените мерки Судот дозволил во замена за паричните средства да биде замрзнат имот – една парцела во индустриска зона и 37 возила за кои воопшто не постои доказ дека се стекнати по извршување на кривичното дело или дека имотната корист била употребена за нивна набавка. Станува збор за возила од кои повеќето се произведени во 2007 и 2008 година, а дел и во 90-тите години од минатиот век што никако не упатува дека биле предмет на кривично дело кое согласно обвинението било извршено во 2022 и 2023 година.

Од тие причини ОЈО Битола итно реагираше по дознавањето за оваа одлука, ги извести Управата за финансиска полиција и Управата за финансиско разузнавање и веднаш достави нов предлог до Судот за обезбедување на имотната корист додека трае постапката. Судечкиот судија во предметот го прифати предлогот и донесе решение одново да ги замрзне паричните средства на сметката на РУД-КОП.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons