Осудениот врховен судија Георгиев се вработил како магационер: Преку ден иде на работа, навечер се враќа во затвор
Осудениот поранешен врховен судија, Наќе Георгиев, кој издржува казна затвор се вработил како магационер пренесува „Скопје1“. Ваквата погодност му е овозможена поради веќе издржана една година од вкупно тригодишната затворска казна. Тој преку ден оди на работа додека навечер се враќа и преспива во затвор.
„Осуденикот редовно користи погодности, викенд од три дена, излез од седум часа. Од денес е работно ангажиран во приватна фирма, со дадена согласност од директорот на Управата за извршување санкции“, вели директорот на затворот, Зоран Ристов за „Скопје1“.
Но, и изминатата година, тој користел поволности. Според информациите на „Скопје1“, Георгиев излегувал на викенди, кои му се давани согласно правилникот на затворот. Сите привилегии ги уживал, благодарение на доброто поведение.
Инаку, Георгиев се спогоди со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција по случајот за земање мито од синот на ексградончалникот на Ново Село, Боро Стојчев и прифати да му биде изречена казна затвор во траење од три години, како и Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години.