Свет

ОН подготвува нови преговори за пластиката 

Нова рунда преговори за глобален договор за пластика ќе се одржи од 5 до 14 август во Женева, Швајцарија, објавија вчера од Програмата на Обединетите нации за животна средина, откако земјите не успеаја да се договорат за параметрите на конечниот договор во декември минатата година во Бусан, Јужна Кореја.

Прашањата што предизвикаа најголеми поделби и кои го спречија конечниот договор во Бусан вклучуваа ограничување на производството на пластика, управувањето со пластичните производи, постепено укинување на хемикалиите за кои се верува или се знае дека му штетат на човековото здравје и финансирање помош за земјите во развој да го спроведат договорот.

Повеќе од 100 земји го поддржаа нацрт-договорот што ќе го отвори патот кон глобалната цел за намалување на производството на пластика, но земјите кои произведуваат пластични прекурсори добиени од фосилни горива се спротивставија на предлозите.

Постигнувањето договор може да се соочи со поголеми тешкотии кога земјите повторно ќе се состанат во Швајцарија, во геополитичка клима обележана со напната дипломатија. Претседателот Доналд Трамп ги повлече САД од Парискиот климатски договор и го намали финансирањето на другите земји за програмите за борба против климатските промени. Трамп почна да наметнува тарифи за земјите, вклучувајќи ги Канада и Мексико.

ЕУ покажа знаци на слабеење на некои од своите политики фокусирани на климата, како што е давање повеќе време на производителите на автомобили да се усогласат со новите цели за емисиите.

Последната рунда од преговорите за климата на ОН, одржана во Баку, Азербејџан, покажа дека соработката за климатските прашања е ослабена. Земјите успеаја да се договорат за глобалната финансиска цел од 300 милијарди долари годишно (развиените земји ќе плаќаат 300 милијарди долари годишно до 2035 година за да им помогнат на посиромашните земји во борбата против климатските промени), што неколку земји, како што е Индија, го осудија.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons