Магазин

„Оло“: Научници тврдат дека откриле нова боја што човечкото око досега не ја видело 

Тим научници од САД тврди дека открил боја која никогаш досега не била видена од човечкото око. Бојата, наречена „оло“ (olo), е сино-зелена нијанса со исклучително висока заситеност, која не може да се перцепира без помош на специфична визуелна стимулација.

Откритието е резултат на експеримент во кој петмина учесници биле подложени на ласерски импулси во очите, со цел да се стимулираат специфични конусни клетки во ретината. Истражувањето е објавено во реномираното научно списание „Саенс адвансес“ (Science Advances), а соавторот на студијата, професорот Рен Нг од Универзитетот во Калифорнија, го опишува откритието како „неверојатно“.

„Оло е позаситена од која било боја што можете да ја видите во природниот свет. Замислете дека целиот живот гледате само пастелно розова боја, а еден ден пред вас се појавува некој со интензивна, сосема нова нијанса и ви велат дека тоа е црвена“, изјави професорот за Би-би-си.

За време на експериментот, научниците насочувале ласерски зрак во едното око на секој учесник. Тие гледале во специјален уред наречен „Oz“, составен од огледала, ласери и прецизни оптички компоненти. Сите учесници, четворица мажи и една жена, имале нормален вид на бои, а тројца од нив, вклучувајќи го и професорот Нг, биле соавтори на трудот.

Ретината, која се наоѓа на задниот дел од окото, е одговорна за прием и обработка на визуелни информации. Таа содржи три вида конусни клетки чувствителни на различни бранови должини: S (сини), M (зелени) и L (црвени). Во нормални услови, светлината што ја стимулира M-клетката секогаш ја активира и соседната S или L-клетка. Но во овој експеримент, ласерот прецизно ги активирал само M-клетките – нешто што никогаш не се случува во природната визија.

Така се добива визуелен сигнал кој, според истражувачите, не постои во реалниот свет и не може да се види без технолошка интервенција. За да го опишат новиот визуелен впечаток, учесниците добиле задача преку контролен уред да ја подесат бојата што најмногу потсетува на она што го виделе и така е добиена бојата „оло“.

Сепак, не сите експерти се убедени дека се работи за вистински нова боја. Професорот Џон Барбур, визиолог од Универзитетот „Сити Сент Џорџ“ во Лондон, кој не бил дел од студијата, вели дека откритието е „технолошко достигнување“ во областа на селективната стимулација на конусните клетки, но додава дека „прашањето дали е тоа навистина нова боја останува отворено“.

„Слично е како кога ќе се стимулираат голем број црвени клетки. Луѓето гледаат длабоко црвена боја, но нејзината светлина и интензитет зависат од чувствителноста на тие клетки“, објаснува Барбур.

Научниот тим, сепак, гледа потенцијал за примена на ова откритие, особено во истражувањата за подобрување на видот кај лица со далтонизам. Тие продолжуваат со анализа на резултатите за да утврдат дали и како оваа стимулација би можела да помогне на луѓето кои имаат тешкотии со разликување на одредени бои.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons