Околу 370 илјади домаќинства се уште немаат евтина струја преку ден
Половина месец по воведувањето, голем дел од граѓаните се уште немаат евтина струја преку ден. Од ЕВН за Сител велат дека досега сетирани се околу 450 илјади од вкупно 820 илјади струјомери. Тоа значи дека 370 илјади домаќинства се уште преку ден трошат само скапа струја.
Граѓаните, пак, во дилема. Никој од анкетираните не знаеше дали има дневна евтина тарифа од 13 до 15 часот.
Повеќе жалби се пристигнати и во Организацијата на потрошувачи. Најголем дел од поплаките биле испратени од луѓе кои користеле повеќе струја преку ден мислејќи дека е евтина.
„Дел од потрошувачите се јавуваат од аспект дека „да ние мислевме дека има евтина струја, користевме, но сепак на крај излезе дека немаме“ и тие се довеле во нееднаква положба. А имаме повозрасни лица, лица коишто немаат можност да си ги прочитаат броилата, особено во станбените згради или групните броила“ – Мартина Грнчаревска, ОПМ
Од ОПМ велат дека со ова се дискриминираат граѓаните, бидејќи не е фер во одредениот временски интервал некој да плаќа евтина, а некој скапа тарифа.
„Имаме нееднаквост кај потрошувачите. Едни користат евтина струја, други не користат евтина струја. Повикуваме кон електродистрибуција тоа да се направи што поскоро бидејќи веќе измина месецот, а дел од потрошувачите еве немаат. Точната бројка не ја знаеме. Повикуваме на тоа оние потрошувачи кои биле оставени во ваква нееднаква положба, тие кои немале евтина струја кога имале другите, тоа да им биде намалено на сметките за електрична енергија“ – Мартина Грнчаревска, ОПМ
ЕВН очекува мал дел од струјомерите да останат со старите подесувања и по Нова година.
„Околу 10% од броилата нема да се сетираат во текот на овој месец бидејќи се работи за броила кои се наоѓаат во затворени објекти, викендици и слично. Тие ќе се сетираат во наредниот период и во првата дадена прилика. Секое сетирано броило ќе има сметка со евтина дневна тарифа од моментот кога е сетирана на самото броило“, велат оттаму.
sitel.com.mk