Од скопскиот аеродром 16 авиокомпании ќе летаат до 47 дестинации
Oд 2 април стартува летот на „Изиџет“ до Меѓународниот аеродром Скопје од аеродромот Орли во Париз. „Виз ер“ од 3 мај почнува со летовите за Барселона и Лион. Од Охридскиот аеродром шест авиокомпании ќе летаат на седум редовни линии, а ќе има и чартер лет од Манчестер. Од полноќ стапува на сила летниот распоред на летање, а тоа значи дека од скопскиот аеродром ќе летаат 16 авиокомпании до 47 редовни дестинации, а три ќе сообраќаат со 10 чартер летови.
Од ТАВ Македонија велат дека со летниот ред на летови имаат многу новости за патниците.
„Следната недела, на 2 април ќе го пречекаме првиот лет на „Изиџет“ до Меѓународниот аеродром Скопје од аеродромот Орли во Париз, што е важно поради две работи. Првата е дека аеродромот во Париз Орли е управуван од Групацијата АДП, групација во која ТАВ аеродроми е членка, а втората важна работа е дека од 2 април патниците на скопскиот аеродром ќе имаат бенефит да патуваат на еден од најфреквентните аеродроми во Франција кој нуди бројни домашни и европски летови“, изјави за МИА Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
За летната сезона од Меѓународниот аеродром Скопје ќе летаат две нови авиокомпании на две нови дестинации – „Трансавиа“ и „Изиџет“. „Туркиш ерлајнс“ ќе лета од аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид до Истанбул четири пати неделно.
Веќе тсартуваше авиолинијата Скопје-Амстердам на „Трансавиа“.
Според летниот распоред на летови, на скопскиот аеродром, редовните авиолинии кои сообраќаат преку целата година и сезонските, 47 дестинации и 16 авиокомпании се: Атина – Aegean Airlines, Белград – Air Serbia, Аеродром Сабиха Гокчен во Истанбул – AJet, Виена – Austrian Airlines, Цирих – Chair Airlines, Загреб и Сплит – Croatia Airlines, Париз Орли аеродром – easyJet, Цирих – Edelweiss, Варшава – LOT Polish Airlines, Франкфурт – Lufthansa, Осло – Norwegian Air Shuttle, Бодрум, аеродромот Сабиха Гокчен во Истанбул, Измир и Анталија – Pegasus Airlines, Анталија и Измир – Sun Express, Амстердам – Transavia Airlines, Истанбул – Turkish Airlines, и Барселона, Базел Милуз, Берлин, Болоња, Братислава, Брисел Шарлероа, Дортмунд, Ајндховен, Франкфурт Хан, Фридрихсхафен, Гетеборг, Хамбург, Лион, Малме, Малта, Милан Малпенса, Минхен Меминген, Нирнберг, Штутгарт, Осло Париз, Рим (Фјумичино и Чампино), Венеција Тревизо, Карлсруе, Љубљана, Лондон Лутон – Wizz Air. Дополнително, на овие шест дестинации летаат повеќе од една авиокомпанија, за време на летниот распоред на летови за 2025 година: Анталија (Pegasus и SunExrpess, и чартер од Freebird Airlines) Франкфурт (Lufthansa до аеродромот во Франкфурт и Wizz Air до аеродромот Хан) Истанбул (Turkish Airlines до аеродромот iGA; Pegasus и Ajet до аеродромот Сабиха Гокчен); Измир (Pegasus и SunExpress), Цирих (Edelweiss и Chair Airlines) и Осло (Осло Сандефјорд од Wizz Air и Осло – Norwegian Air Shuttle).
Oд скопскиот аеродром три авиокомпании ќе сообраќаат со 10 чартер летови: Freebird Airlines – чартер летови до Анталија, Freebird Europe – чартер летови до Хамбург/Хановер, Минхен/Штутгарт, Берлин/Лајпциг, Манчестер/Лондон-Гетвик, Париз-Шарл де Гол, Лион/Марсеј, Диселдорф/Франкфурт; Nesma Airlines до Хургада; и Nouvelair до Монастир.
Од Охридскиот аеродром Св. Апостол Павле, во текот на летната сезона шест авиокомпании ќе опслужуваат летови до Белград, Air Serbia, Цирих со две авиокомпании – Chair Airlines и Edelweiss и Амстердам со TUI Fly, Истанбул со „Туркиш ерлајнс“, и Виена, Дортмунд и Меминген со Wizz Air.
„Дополнително, според последните информации што ги добивме како аеродромски оператор, ТУИ ќе лета со еден чартер лет од Манчестер“, велат од ТАВ Македонија.
Следниот месец треба да стартуваат работите за модернизацијата на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Плановите се да се зголеми капацитетот на патничкиот терминал и да се обезбеди удобност за патниците кои ќе патуваат низ аеродромот, а ќе се инвестираат 2,7 милиони евра. Во тек на планираните активности авиосообраќајот нема да биде запрен. Модернизацијата на аеродромот е обврска на ТАВ, согласно Договорот за концесија на аеродромите.
Минатата 2024 година, ТАВ Македонија, ја заврши со 3.174.484 вкупен број патници на Меѓународниот Аеродром Скопје и на охридскиот аеродром Св. Апостол Павле, што е зголемување од 1 процент во однос на 2023 година. За годинава очекуваат зголемувањето на бројот на патници да остане константно.
„Оваа година, со оглед на неодамнешното и идно проширување на авиолиниите од двата аеродрома, сезонските трендови на патување, особено за време на шпицот на летната сезона, маркетинг стратегиите на ТАВ аеродроми за привлекување нови авиокомпании и воведување нови авиолинии и владините политики, очекуваме зголемувањето на бројот на патници да остане константно, а сепак да се заснова на долгорочни модели на раст, бидејќи од минатата година темпото на пораст во авиосообраќајот, на глобално ниво, од темпо за закрепнување премина во структурно“, изјави Курт.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на 10 март, по средбата со Јири Пос, претседател на Бордот на директори на аеродромот Вацлав Хавел – Прага, најави дека се разгледуваат можностите Скопје и Прага да се поврзат со авиолинија и да има нова авиолинија Охрид – Карлови Вари.
Николоски во октомври лани најави дека годинава ќе бидат отворени шест нови авиолинии, со Дубаи, Барселона, Лион, Штутгард, Базел и Истанбул.