Од ОЈО апелираат да не се објабвуваат непотврдени информации за истарагата за двојното убиство
Од Јавното обвинителство апелираат да не се шират непроверени информации кои би можеле да и наштетат на истрагата за убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Овој повик на Обвинителството следува откако во дел од интернет порталите се појавија најразлични теории за начинот на убиството и причините за смртта на жртвите. Според надлежните за истрагата, овие непроверени информации единствено можат дополнително да ја вознемират јавноста. Во однос на текот на истрагата, од Обвинителството информираа дека во моментов се уште го чекаат извештајот од обдукцијата на Институтот за судска медицина.
„Обдукцискиот наод се уште не е изготвен и доставен до Обвинителството. Дејствијата на сите инволвирани се предмет на истрага во моментов за што секојдневно се прибираат вербални и материјални докази кои меѓусебно се споредуваат“, велат од Основно јавно обвинителство.
Во меѓувреме, од опозицијата обвинуваат за пропусти на полицијата во потрагата по Панче Жежовски, кој во Велес беше пријавен за исчезнат на 22-ри ноември. Токму со неговиот автомобил потоа во Скопје била превезувана и малолетната Вања Ѓорчевска. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, претходно кажа дека возилото на велешанецот, за првпат било забележано во Скопје на камерите преку системот „Безбеден град“ на 27-ми ноември, односно денот кога исчезнува малата Вања. Според ВМРО-ДПМНЕ, Спасовски излажал и нејзиното убиство можело да се спречи.
„Неколку дена по ред го прашуваме министерот Спасовски, а истиот одбива да одговори за очигледниот и фатален пропуст на МВР чија последица е киднапирањето и убиството на девојчето Вања. Јавно го прашуваме министерот Спасовски дали возилото е регистрирано на камерите пред 27 ноември, односно на 24 ноември во 6:30 на влезот во Скопје кај Маџари на мостот кај Агросервис?“, изјави Драган Ковачки – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ неодамна соопштија дека ВМРО-ДПМНЕ го политизира случајот и се обидува да ја поткопа истрагата.
„Ковачки е познат манипулатор, неколкупати фатен како шири лажни вести. Последната таква беше и за Самитот на ОБСЕ. Очигледно обидите за манипулација, поткопувањето на истрагата, изопачената потреба да го злоупотребуваат случајот со смртта на Вања е поради средбите на Мицкоски со Палевски, за коишто со денови Мицкоски молчи“, рече Дарко Каевски – пратеник на СДСМ.
Инаку, додека се уште трае истрагата, министерот за правда Кренар Лога вчера информира дека има неформални контакти со турските власти и очекува екстрадицијата на првоосмничениот за убситвата Љупчо Палевски Палчо да не се одолговлекува. Но, сепак, за тоа, најавија дека повеќе одговори би се добиле нареднава недела.