Од април до јуни, само три издадени лиценци за кабареа и дискоклуб на отворено
Од 10 април до 11 јули годинава, на 11 кабареа и дискоклубови им биле одземени лиценците иако нивната важност не била истечена, бидејќи не работеле во согласност со законските правила. Од почетокот на годината, одбиено е само едно барање за отворање диско клуб во Штип, стои во Регистарот на МЕТ од 1 август
По трагедијата со кочанската дискотека „Пулс“, само три угостителски објекти од Скопје, Битола и Охрид, добиле лиценца за отворање кабаре, односно дискоклуб на отворено, покажува најновиот Регистар на Министерството за економија и труд, од 1 август.
На два од нив лиценците им биле издадени на 23-ти, односно 28 април годинава, а третиот ја добил на 16 јуни. Лиценците им се издадени според стариот и сè уште важечки закон, а од МЕТ за „Слободен печат“ велат дека овој пат биле ригорозни контролите дали биле исполнети сите услови. Во меѓувреме од 10 април до 11 јули годинава, на 11 кабареа и дискоклубови им биле одземени лиценците, иако нивната важност не била истечена, бидејќи не работеле во согласност со законските правила. Од почетокот на годината, одбиено е само едно барање за отворање дискоклуб во Штип, стои во Регистарот на МЕТ.
Во меѓувреме, сè уште е чека мислењето на дел од институциите за предложените измени на Законот за угостителската дејност, кој е доставен до Владата, но сè поизвесно е дека тој ќе добие „зелено светло“ по локалните избори.
– Веќе се изјаснија неколку институции, а откако ќе се добие мислење од сите, нивните евентуални забелешки ќе се инкорпорираат во текстот, а потоа ќе се врши усогласувањето со Секретаријатот за законодавство. Новините во Законот ќе овозможат проверката на минималните технички услови за работа да се врши пред издавање на лиценцата за работа. Односно, Пријавата за исполнување на минимално-техничките услови за вршење угостителска дејност, пред да биде доставена како придружен документ во барањето за лиценца, ќе треба да има потврда за нејзината веродостојност од Државниот пазарен инспекторат – објаснуваат од МЕТ.
Новиот закон за угостителска дејност го најавија и од ДПИ, со предупредување дека во него се предвидени задолжителни одредби за контрола и кривична одговорност доколку некој несовесно врши угостителска дејност.
Според Законот за угостителска дејност, за да отворите кабаре – треба да искеширате од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност, лиценцата за ноќен бар – чини од 5.000 до 7.000 евра, за дискоклуб – 7.000 евра. Лиценцата за отворена летна дискотека е најскапа – 10.000 евра, иако нивната сезона е ограничена на три месеци. Засега нема официјални најави дека би можела да се зголеми и цената за овие лиценци.
– Според Законот за угостителска дејност, лиценците за дискоклуб, дискоклуб на отворено, кабаре и ноќен клуб се со важност од една година и се издаваат врз основа на приложена документација и уплатен надоместок, во согласност со општинските и одлуките на Град Скопје. Доколку угостителскиот објект не ги исполнува минимално техничките услови и условите за јавен ред, мир и сообраќај (за кои доставува известување од МВР и Државниот пазарен инспекторат) и доказ за платен надоместок, му се издава лиценца во рок од 15 дена. Во случај да има негативно мислење од МВР (поради нарушување на јавниот ред и мир) или од ДПИ за неисполнување на МТУ, неговото барање се одбива – објаснуваат од Министерството за економија.
Законот пропишува дека не смеете да отворите ноќен бар, кабаре или дискоклуб во деловна просторија што се наоѓа во колективна станбена зграда. Висината на надоместокот за лиценците ја определуваат советите на општините и Советот на градот Скопје. Половината од сумите за лиценци одат за општините, а другата половина легнува на сметката на државниот буџет. Министерството за економија 30 дена пред истекот на рокот на важноста на претходно издадена лиценца, го потсетува носителот на лиценцата за периодот на нејзината важност.