Ова се најпребаруваните зборови на „Гугл“ за 2022 година
Зборот „Wordle“ се најде на првото место како најпребаруван термин на „Гугл“ на глобално ниво и во САД во 2022 година.
Пребарувањата беа откриени од „Гугл“ во годишниот извештај наречен „Годината во пребарување“.
Објавена од софтверскиот инженер Џош Вардл во 2021 година, играта „Wordle“ стана многу популарна меѓу интернет-корисниците. На корисниците им се даваат најмногу шест обиди да го погодат зборот на денот. Секогаш е збор со пет букви и зборот е ист за сите.
„Wordle“ стана толку популарен што гугл-пребарувањата од очајни играчи кои бараат одговори влијаеја врз другите врвни трендови за пребарување на „Гугл“. Седум од топ-10 дефиниции за зборови што се бараа во 2022 година беа одговори на „Wordle“: рупија, олигарх, какао, Хомер, рецесија и други.
Смртта на кралицата Елизабета Втора во септември се најде во првите пет од севкупниот глобален интерес за пребарување. Украина беше трет најпребаруван поим. Што се однесува до познатите личности, Џони Деп беше на врвот на топ-листите за пребарување меѓу актерите, по судењето со Амбер Херд во текот на летото. Веднаш по него се најде Вил Смит, кој се најде на насловните страници откако му удри шлаканица на комичарот Крис Рок во живо на сцената пред милиони присутни на доделувањето на „Оскарите“.
Тениската икона Серена Вилијамс се појави како втора најпребарувана атлетичарка во САД, кога го најави нејзиното пензионирање.
Извештајот за трендови на „Гугл“, исто така, ги забележа интересните начини на кои корисниците бараат информации, како фотографирање, зборување во телефонот и – потпевнување.
Телефоните денес користат алгоритми за да ја решат вообичаената загатка „Која е оваа песна?“ Корисниците можат да потпевнуваат, свиркаат или да пеат 10-15 секунди од мелодијата во својот телефон за да дознаат која песна постојано им се врти во главата.
Овие трендовски листи, според „Гугл“, се засноваат на термините што имале најголем скок во пребарувањето во 2022 година во споредба со претходните години.
Извор: ВВС
Фото: Freepik