Обвинителството и МВР го истражуваат случајот со бебето кое беше оставено на улица во Велес
Велешани згрозени од информацијата дека бебе било оставено на улица. Институциите треба да работат на ваквите случаи каде родители посегнуваат по своите деца, велат дел од граѓаните со кои поразговаравме, чинот го сметаат за монструозен особено поради фактот што се работи за бебе.
Велат, со вакви родители треба да се работи постојано, а не тоа да биде само тридневна сензација за вести. Чувството е згрозувачко.
Министерот за социјална политика, демографија,и млади, Фатмир Лимани за ТВ 24 вели дека:
„Ангажирани се органите на Министерството за социјална политика, демографиа и млади за превземање на адекватни мерки во врска со случајот“ – вели министерот Лимани.
Седуммесечното бебе било пронајдено на плоштадот С’рмаале, случаен минувач го однел веднаш во болница. Портпаролката на ЈЗУ Општа болница-Велес, Марина Андова вели дека после максимална грижа од тимот во болницата бебето е во добра состојба, мајката повторно се појавила и заминала.
Од МВР велат дека известен е јавен обвинител и дека се работи на расчистување на случајот.
„Во врска со случајот за кој прашувате, мајката се вратила во болницата во Велес, со неа е извршен службен разговор и известен е јавен обвинител. Во координација со ОЈО се преземаат мерки за расчистување на случајот.“ – велат од МВР.
Од Обвинителството велат дека работат на расветлување на случајот заедно со полицијата.