Нов израелски напад на Појасот Газа, загинаа 32 лица
Десетици луѓе се убиени и ранети во израелски напад утринава врз зграда во Џабалија во северниот дел на Појасот Газа, соопштија палестинските лекари.
Снимките кои кружат на социјалните мрежи покажуваат десетина тела завиткани во ќебиња како лежат на земја во болница. Станарите изјавиле дека во погодената зграда имало најмалку 30 луѓе.
Официјалната палестинска новинска агенција ВАФА и медиумите на Хамас објавија дека загинале 32 лица, меѓу кои и деца.
Цивилните служби за итни случаи соопштија дека нивните операции се запрени со израелски напад врз два града и бегалски камп во северниот дел на Појасот Газа, кој започна на 5 октомври. Палестинските власти го обвинуваат Израел дека спроведува план за „етничко чистење“.
Населението вели дека никаква помош не влегла во Џабалија, Беит Лахија или Беит Ханун од почетокот на операцијата на 5 октомври. Израел вели дека испратил сили во тие места на северот на енклавата за да се борат против милитантите на Хамас кои вршат напади оттаму и да ги спречат да се прегрупираат, и дека таму убиле стотици милитанти од почетокот на новата офанзива.