Нови услови за визи во САД: Ќе бараат депозит од 15.000 долари за лица од 50 држави
Американскиот Стејт департмент објави дека од 2 април ја проширува програмата за визни гаранции (Visa Bonds). Од државјаните на 50 земји ќе бараат да уплатат депозит од 15.000 долари пред да добијат Б1 или Б2 виза за бизнис и туризам.
За македонските граѓани оваа обврска не важи, бидејќи Македонија не е на листата на опфатени земји.
Депозитот ќе биде вратен на патниците кои ќе се вратат дома навреме или кои нема да отпатуваат. Мерката има за цел да го намали бројот на странци кои остануваат илегално во САД по истекот на визата. Според Стејт департментот, програмата досега покажала висока ефикасност: 97 отсто од патниците кои уплатиле депозит навреме се вратиле во своите земји.
Во последната година од мандатот на поранешниот претседател Бајден, над 44.000 лица од овие 50 држави илегално го пречекориле дозволениот престој.
Со спречување на илегалниот престој, Стејт департментот проценува дека годишно ќе се заштедат до 800 милиони долари, што инаку би се трошеле за депортации. За еден илегален имигрант трошоците за отстранување изнесуваат во просек над 18.000 долари.
На постоечката листа од 38 земји, сега се додаваат 12 нови: Камбоџа, Етиопија, Грузија, Гренада, Лесото, Маурициус, Монголија, Мозамбик, Никарагва, Папуа Нова Гвинеја, Сејшели и Тунис. Тие се придружуваат на земјите кои веќе беа дел од програмата, како Алжир, Ангола, Бангладеш, Куба, Нигерија, Сенегал, Таџикистан, Венецуела, Уганда и Зимбабве.
Стејт департментот најави дека листата може да се проширува врз основа на процена на имиграцискиот ризик.



