Нови детали за случајот со семејството затруено од пита: Отровот се чувал во тегла и бил наменет против глувци
Една жена почина поради акутно труење со метомил, односно ланате, а затруени сè уште две лица, и двете од истото семејство од кои едното е во тешка здравствена состојба, а другото е стабилно и се наоѓа на клиниката за Токсикологија.
Се затруле откако дома јаделе пита со праз, што сами ја подготвиле. Случајот со труењето е пријавен во полиција пред три дена, одосно на 17 октомври. Клиниката за токсикологија пријавила дека на 15 октомври кај нив биле донесени три лица, сите од Скопје, затруени од домашна храна која била направена во нивниот дом, велат од МВР.
Станува збор за класично акутно труење со овој инсектицид, а дали било намерно или случајно треба да покаже истрагата, појасни токсикологот д-р Нико Беќаровски. Од полиција, пак, велат дека се работи на расчистување на случајот. Инаку, инсектицидот ланате е забранет во Македонија.
Фокус, пак, открива нови детали од близок член на семејството во врска со инцидентот во кој едно лице почина, а две се борат за живот – кој тврди дека се работи за ненамерна грешка која имала кобен епилог.
-Станува збор за мајка, син и снаа. Мајката, односно бабичката, сега е во кома. На денот на настанот таа правела пита во летната кујна. Станува збор за жена во години. Веруваме дека се случило ненамерно да стави од отровот во храната, бидејќи истиот бил претурен во тегла. Истиот момент кога почнале да се гушат снаата и синот, бабичката доживува срцев удар. За среќа, јаделе во дворот и ги виделе соседите сите легнати на земја, па пришле да ги спасат, вели изворот и појаснува дека отворот го чувале против глувци.
Од полицијата информираат дека за случајот известен е јавен обинител, а од местото на настанот подигнати се доказни материјали за вештачење.
-На 17.10.2023 во 12 часот во Полициската станица Кисела Вода, од Клиниката за токсикологија при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека на 15.10.2023 кај нив за укажување лекарска помош биле донесени Ц.С.(79), Ѓ.С.(55) и Д.Ќ.(47), сите од Скопје, затруени од домашна храна која била направена во нивниот семеен дом во Скопје. Лицата биле задржани за понатамошно лекување. Известен е јавен обвинител. Од местото на настанот подигнати се доказни материјали за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот, информираат од МВР.
Во текот на вчерашниот ден почина снаата, а нејзиното тело е дадено на обдукција. Бабата е хоспитализирана на КАРИЛ, додека синот е во стабилна состојба.