НОВА ИСТРАГА: Како се одлагал пепелот од РЕК Битола, дали граѓаните се труеле од таа прашина
По бројните реакции на граѓаните на социјалните мрежи во изминатиот период и споделените фотографии и видеа од километарски облак прашина околу РЕК Битола, Обвинителството оформи предмет и истражува дали одлагањето на пепел на депонијата во Комбинатот се врши согласно еколошката дозвола, главниот рударски проект и другите прописи за заштита на животната средина, објави Телма.
ОЈО Битола издаде наредба до СВР Битола за увид на лице место и утврдување факти за евентуално постоење на кривично дело кое се гони по службена должност. Беше побарано Државниот инспекторат за заштита на животната средина да изврши вонреден инспекциски надзор, при што беа утврдени определени недостатоци во однос на мерките за спречување и намалување на емисијата на прашина на одлагалиштето за пепел, соопштија од ОЈО Битола.
Станува збор за токсична и радиоактивна пепел што се добива при процесот на производство на електрична енергија, која треба да се одлага во касети и да се затрупува со земја. Но, посебно при ветровито време, таа се разнесува низ воздухот, а оваа појава е видлива и од Битола.
На прашањето на Телма пред еден месец на што се должи големиот облак прашина, од РЕК Битола одговорија дека се почитувале сите протоколи при одлагањето на пепелта. Сега, пак, потврдуваат дека при увидот Инспекторатот утврдил неправилности.
При увидот на 26 март, инспекцијата утврди поголеми количини на пепел на одлагалиштето кои отстапуваат од пропишаните во Главниот рударски проект. Издадено е задолжение, во рок од 30 дена количините да бидат соодветноодложени во касета и посипани со земја, согласно протоколот. Повеќе од половина од количините на пепел се отстранети од одлагалиштето и интензивно се работи на отстранување на останатите количини, соопштија од РЕК Битола.
Покрај отстранување на пепелта која е несоодветно депонирана, до крајот на април РЕК Битола има обврска да изврши мерења на амбиенталниот воздух на депонијата за пепел.
Потоа, Државниот инспекторат за животна средина комплетниот извештај ќе го достави до Обвинителство, кое треба да донесе одлука како понатаму ќе постапува по овој предмет.