Ниту еден суд го нема потребниот број на судии
Ниту еден суд го нема потребниот број на судии, стручни соработници, информатичари и архивари, покажува надзорот од надлежната комисија на Министерството за правда. Се бара Судскиот совет итно да изврши избор на судии, а Министерството за финансии да одобри нови вработувања. Дел од судовите немаат ни најосновни услови за работа, како телефонска централа, лифтови и униформи за судската полиција. Ова е особено забележително во судот во Дебар, каде граѓаните немаат начин како да ги добијат на телефон. Немаат централа, а на веб страницата не се објавени мобилни броеви. Им фалат и печатари и скенери, а имаат проблеми и со електронската достава.
Итен избор на судии и вработувања се потребни во основните судови во Куманово и Струмица, за да се исполни барем минималниот капацитет од 75 проценти.
За Велес се препорачува, да не се прават чести измени на годишниот распоред во судот, што доведува до незадоволство и приговори од судиите, особено и затоа што врз таа основа судиите се внесуваат во АКМИС системот и се врши распределба на предметите.
Во скопска Апелација судии често се изземале од предмети поради немање на безбедносни сертификати. Со тоа, предмети се трупале кај мал број на судии кои поседуваат сертификат, што е и ризик од можно влијание. Предмети биле одолговлекувани и поради пензионирање на судии поротници.Но кај употребата на АКМИС-от не се најдени пропусти.
Во однос на проблемите, од Комисијата укажуваат дека ќе се следи спроведувањето на предложените мерки затоа што, надзорот не е само процес, туку е и чекор за обезбедување на правичност и транспарентност во судската работа.